февруари 19, 2015

Скопје, 19. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – На 26-ти овој месец во Скопје ќе се одржи Информативна средба за социјално претприемништво во Република Македонија.

Целта на проектот „Обуки и промоција за развој на социјалното претприемништво“, спроведуван од Здружение Конект во соработка со Националниот совет за претприемништво и конкурентност (НСПК) на РМ, е да придонесе кон промоцијата и развојот на социјалното претприемништво во РМ.

За време на средбата ќе се презентираат концептот на социјално претприемништво и можностите за формирање на социјално претпријатие во Македонија. Исто така ќе се дискутира и за можностите за поддршка од бизнис заедницата во рамки на општествената одговорност. За време на настанот ќе се промовира и летокот: „Социјално претприемништво – Што е тоа? Како да се вклучам?“ Предвидена е и дискусија помеѓу поканетите претставници на институции, постоечки и потенцијални социјални претпријатија, мали и средни претпријатија, граѓански организации, стопански комори, организации на работодавачи и други чинители. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука