Струга, 24. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Додека вредните акции на осудениот Сашо Мијалков се распродаваат на аукција, тој се вработи како возач за потребите на струшкиот затвор.
Веб-медиумот ИРЛ ги објави овие информации, а потврда има и од Управата за извршување на санкции. Телма се обиде да добие детали за работните задачи на Мијалков, а од струшкиот затвор најавија детали за утре.
Едниствено е познато дека Мијалков е задолжен за затворско комбе за набавка на стоки за потребите на струшкиот затвор. Ова доаѓа во моменти кога истекува првата година од трите на кои Мијалков е осуден во предметот „Империја“, а ги одлежува во струшкиот затвор.
Во меѓувреме, утре е последниот ден до кога на берзата ќе се продаваат акциите чиј сопственик беше екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање кои пак тој ги отстапи на државата за да се спогоди во случајот „Империја“ во замена за тригодишна затворска казна. Акциите се продаваат по оглас и налог на Агенцијата за управување со одземен имот, на јавна берзанска аукција и на 25-ти јули ќе се знае дали и колку заработила државата од акциите на Мијалков.
Пресудата на Мијалков му беше изречена лани на 8 јули и тогаш тој се спогоди за признание на вина со обвинителката Лиле Стефанова. На Мијалков му беше одземен имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“.
Сашо Мијалков сѐ уште ја издржува казната затвор во наведената установа и не е работно ангажиран надвор од установата, туку е ангажиран од страна на казнено-поправната установа за свои потреби како возач, работна задача која зависно од потребите, може да биде доделена на осудени лица кои имаат отворен третман во процесот на ресоцијализација, е ставот на Управата за извршување на санкции. (Крај)
извор: ИРЛ/Телма фото: архива