Охрид, 1. февруари 2016 (ОХРИДПРЕС) – Денес истекува рокот кој УНЕСКО ѝ го даде на Република Македонија да достави извештај за статусот на конзервација и за чекорите преземени за спроведување на препораките и во случај на потврдување на утврдената или потенцијална опасност за природните и културните добра на Охридскиот регион.
Охридскиот регион би можел да се најде на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО поради плановите за изградба ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2 и на железничкиот коридор VIII, a состојбата дополнително ќе се влоши со изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин.
Во текот на февруари и март е најавено доаѓање на меѓународна делегација од УНЕСКО за мониторирање на целата состојба околу проектите и нивното влијание врз Охрид.
Охридскиот регион е впишан во Листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО во 1979 година. (Крај)
извор: Порта 3 фото: архива