Охрид, 1. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ноќеска на полноќ истече рокот за пријавување на првото локално Талент шоу за регионот на Охрид и Струга – Ohrid SUPERSTAR.
– Списокот е затворен, кандидатите се пријавија и веќе од денес ќе бидат контактирани за деталите. Задоволни сме од одзивот на охриѓани и стружани, кои покажаа голем интерес за да го покажат својот талент. Привршуваат и подготовките за сцената, Тв снимката и сите пропратни активности кои се одвиваат според предвидената динамика. Она што можеме да го кажеме е дека Охрид и Струга најмногу сакаат да пејат, затоа што над 90% од пријавените се за овој сегмент. Генерално, тоа се млади лица кои ветуваат добра забава и максимално ќе ја искористат можноста да се претстават пред јавноста. Во текот на првите две недели од март нашите ментори ќе имаат прелиминарни средби и ќе работат со кандидатите, по што ќе следуваат и двете елиминациони аудиции во тeкот на третата и четвртата недела од март. Во април следуваат полуфиналната и финалната вечер, кога најдобрите ќе покажат се` што знаат. Сите настани ќе се одржуваат на големата сцена при Домот на културата „Григор Прличев“, информираат од Ohrid SUPERSTAR.
Најдобрите ќе се одбираат по три основи: според гласовите на жири Комисијата, според гласовите од телефонското гласање и според гласањето на публиката, што ќе важи само за полуфиналната и финалната вечер. Можат да се пријавуваат музичари, пејачи, глумци, бендови, стенд ап комичари, водители за Тв и Радио проекти.
Организаторите на шоуто обезбедија богати награди за учесниците: парична награда од 2.000 евра, снимање на песна и видео спот со Даниел Јовески и старт на Тв и Радио проект. Сите заинтересирани ќе можат да добијат дополнителни информации и на официјалната страна на Facebook.
Носители на проектот се Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети, а главен медиумски партнер е регионалната О2 телевизија. Медиумски поддржувачи се и порталите: Ohrid1, OhridNet, OhridPres, WebOhrid, Ohrid24, StrugaOnline и Inpress, како и струшкото Плеј радио. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес