јануари 24, 2017

Охрид, 24. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид го доби петтиот по ред почесен конзулат, овојпат на Република Унгарија.

Инаугурацијата ја изврши државниот министер за културно-научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Унгарија, Иштван Иѓарто.

Почесниот конзул проф. Д-р Марјан Бојаџиев во Охрид, на церемонијата во Центарот за култура „Григор Прличев“ и официјално беше назначен за вршење на функцијата.

Министерот за културно-научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Унгарија, Иштван Иѓарто, денес во Охрид рече дека со големо задоволство излегол во пресрет на барањето на Амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Иштван Дукс Ласло да биде отворен почесен конзулат во Охрид. Средбите на високо ниво меѓу двете земји, Република Унгарија и Република Македонија се редовни, и благодарение на тоа растат билатералните односи.

istvanigarto

– Најдобар пример на нашите добри односи е почетокот на работењето на веќе вториот наш конзулат во Република Македонија, првиот почесен конзулат се отвори во Битола во 2012 година, а вториот денес во Охрид. Унгарија и Република Македонија меѓусебно негуваат одлични политички односи. Охрид, градот на светлината, светски познат по своите културни дејности, заслужено доби место на листата на светсткото културно наследство на УНЕСКО. Не е само прекрасно летувалиште, туку претставува духовна храна на сите жители и посетители. Унгарската влада ги поддржува евроатлантските напори на Република Македонија и дава значајна помош во справувањето со мигрантската криза, потенцираше Иѓарто.

Заменик министертот за надворешни работи на Република Македонија, Илија Исајловски издвои дека со унгарските пријатели Република Македонија постојано настојува да го одржи високото ниво на билатерални односи и соработка, но и да се даде импулс за реализација на проекти од заеднички интерес.

isajlovski

– Со меѓувладиниот договор за образовна, научна и културна соработка, успеавме да ја збогатиме соработка, меѓу другото и на ниво на лекторати, взаемно доделување на стипендии и културна размена. Секако дека во двете земји се организирани многубројни културни настани, кои побудија нови симпатии и блискост меѓу македонците и унгарците. Искрено се надевам дека многу поголем број на туристи во иднина ќе го посетат Охрид, кажа Исајловски.

Денешната свеченост беше надополнета со настапот на ученици од Музичкото училиште „Методи Патче“ со „Béla Bartók duets“. Беше отворена изложбата „For Freedom and Independence“, посветена на повоениот период на Унгарија.

Почесниот конзулат на Унгарија во Охрид се наоѓа на улицата „Даме Груев“ бр. 43.

Досега во Охрид почесни конзулати отворија Република Турција, Република Полска, Република Словенија и од минатото лето – Руската Федерација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука