ИЈЗ: Минатата недела пријавени 139 случаи на грип, Охрид во групата со помалку од 5 заболени
декември 26, 2024

Охрид, 26. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на 51. недела од 2024 година, во периодот од 16-ти до 22-ри декември, во Република Македонија се пријавени 139 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 17,8 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од нив 95 се на возраст од 15 до 64 години, 24 се деца на возраст од пет до 14 години, 12 на возраст до четири години, 8 лица се на возраст над 65 години. Највисока инциденца (12,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст до четири години.

– Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар – 42, Гостивар – 33, Куманово – 22, Тетово – 15, а во Прилеп, Скопје, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Македонски Брод, Струмица, Битола, Свети Николе, Кратово и Штип, бројот на заболени е еднаков или помал на пет. Во 14 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во Гостивар – сезонска, а во Дебар – средна активност на вирусот на грип, стои во извештајот.

Во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грип, изнесува 799, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е намален за 10,2 отсто.

Заклучно со 51. недела, во Република Македонија се вакцинирани вкупно 72.125 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. (Крај)

извор: ИЈЗ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука