Скопје/Охрид, 24. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 14-ти до 20-ти октомври 2024 година, регистрирани сe 15 нови позитивни случаи на Covid-19, со зглемување од 25% во однос на претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
– Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 3 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, a највисока инциденца е регистрирана во Охрид. Регистрирани се заболени лица во возрасните групи над 20 години, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години. Со статус „оздравени“ се стекнале 13 лица. Пријавено е едно починато лице асоцирано со Covid-19 од Куманово, на возраст над 60 години, невакцинирано против Covid-19. Кај лицето
се регистрирани коморбидитети, а е починато во домашни услови, стои во извештајот.
Годинава, заклучно со 20-ти октомври се регистрирани вкупно 1.716 заболени со овој вирус. По период на многу слаба активност, во летото 2024 година се детектираше зголемена активност на SARS-CoV-2 во рамките на европскиот континент, вклучително и во Македонија. Лицата на возраст од 60 години се со најголем ризик од тешка болест.
Иако бројот на заболени од Covid – 19 на неделно ниво се намалува, со оглед на тоа дека почнува периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на SARS-CoV-2 да се зголемува, што ја нагласува континуираната потреба од надзор (епидемиолошки и вирусолошки) на национално и регионално ниво. (Крај)
извор:ИЈЗ фото: ОхридПрес