Охрид, 16. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Месец мај е резервиран за матурантите и нивните прослави за заокружување на средното образование.
За таа цел СВР Охрид, на целото подрачје што го покрива, ја отпочна превентивно- едукативната кампања “Среќни и безбедни матурски вечери”.
Претставници од оделението за превенција, од денеска ќе бидат во средношколските центри во Охрид, Струга, Кичево и Дебар и со матурантите ќе разговараат за неопходните мерки за безбедност при одржувањето на матурските прослави.
– И годинава, полициски службеници ќе се грижат за безбедно и непречено одржување на матурските вечери. Со планираните безбедносни мерки, покрај учениците, ќе бидат запознаени и советодавните групи граѓани, училишните одбори, раководните и стручни служби во училиштата а посебни средби се планирани со агенциите за обезбедување, угостителските објекти и со други чинители, што е во согласност со концептот за полициско работење во заедницата, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Тој додава дека планираните мерки се преземаат со цел елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир и појава на други асоцијални однесувања како и спречување на управување на моторни возила под дејство на алкохол или психотропни супстанци.
Низ видео презентации, матурантите ќе се запознаат со законскиот процес на стекнување на правата и законските одговорности, со обврските за почитување на законите за прекршоци против јавниот ред и мир, законот за безбедност на патиштата, кривичниот законик како и со другата законска легислатива во Република Македонија. Пред учениците ќе се презентираат и законските обврски на полициските службеници.
Слични активности СВР Охрид ќе презема и за безбедно одвивање на полуматурските прослави. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива