Охрид, 4. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охрид повторно со силна поддршка за Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, која годинава го има своето петто, јубилејно издание.
Самуиловата тврдина, но и бројни училишта, институции се обоени во боите на ретките. Бројни охриѓани, но и лица од целата држава ги бојат дланките во знак на поддршка на кампањата.
Кампањата започна на 1. февруари и ќе трае до крајот на месецов, кога секој ден се претставува по една ретка болест, со што се прави обид пред јавноста и институциите да се крене гласот кон проблемите со кои се среќаваат лицата со ретките болести и нивните семејства.
Годинашната сезона е посветена на здравствените работници кои изминативе сезони помогнаа со нивните стручни совети, предлози, пишување текстови, ревидирање на материјали во реализација на кампањата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива