Охрид, 3. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Дождот кој постојано врнеше синоќа во Охрид не беше пречка охриѓани и бројните гости да се забавуваат со музиката на одличните Суперхикс.
Концертот на Суперхикс беше продолжување на настаните предвидени во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, кој оваа година внесе вистинска свежина во градот за време на празниците.
Вечерва програмата продолжува на малата сцена, во посебно уредената куќичка на градскиот плоштад каде настап во живо со почеток во 20:00 часот ќе имаат одличниот рок бендот „High Voltage“. Во составот на бендот се: Јован Јованоски, вокал и ритам гитара, Јован Чифлигароски на соло гитара, Christopher Abu Saleh на Тапани и Марина Ангелоска на бас гитара.
Сите манифестации се дел од поголемиот проект за промоција на Охрид во обид за максимално продолжување на туристичката сезона насловен како „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“. Предвидени се поголеми настани на 7-ми јануари, за празникот Божиќ кога ќе настапат Сергеј Четковиќ и Ѓоко Танески, на 13-ти, за Стара Нова година кога ќе уживаме во музиката на Љубојна и на 19-ти јануари за големиот верски празник Водици кога ќе настапат Фолтин, со што ќе биде крунисана целата манифестација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес