Охрид, 14. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – По фотографиите и информацијата која се појави вчера во јавноста, екипа на Супер радио и OhridPress утрово беше кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро во населбата Воска и констатираше дека продолжува истекувањето на матна вода во езерото.
По објавата, од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), извршија вонреден инспекциски надзор на лице место, при што константирано е дека од реката Грашница се влива матна вода најверојатно како последица на зголемениот водостој на водите по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот.
– Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои во моментот на увидот течеше заматена вода која веројатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем. Исто така направен е увид во препумпната станица во населба Даљан каде што станицата беше во функција, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
Додаваат дека согласно регулативата одведувањето на отпадните и урбани води е во надлежност на општинската инспекција, поради што бил известен овластениот инспектор од Општина Охрид кој излегол на увид, а во меѓувреме биле контактирани и надлежните служби од ЈП „Колекторски систем“ кои излегле на лице место и во присуство на Државен инспектор за животна средина, раководителот на општинскиот инспекторат и овластен инспектор за животна средина, било константирано дека од испустите не истекува никаква вода.
– Потоа беше направен увид во препумпната станица во населба Даљан каде што беше константирано дека нивото на отпадна вода во базенот е намалена. Од страна на стручните служби беше изјавено дека има дополнителна потопна пумпа која автоматски се приклучува. Исто така беше извршен увид и по текот на реката Грашница (Сушица) на улицата „Железничка“, „Прилепска“ и „15-ти корпус“ каде што водостојот е значително зголемен и водата е матна, потенцираат од инспекторатот.
Револтиран жител на овој дел на градот, преку допис до медиумите вели дека проблемот трае подолг период.
– Живеам на 200 метри од ова место, а одам на плажа на километри од тука. Ова деновиве е еден подобар момент. Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има израснати пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија, зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевката што ја гледате е канализација. 50 метри погоре поминува канализацијата, но поради малиот капацитет целото ова ѓубре го исфрлаше преку шахтата на улица. Но, за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го решил проблемот. После оваа цевка на едно 50 метри има уште една канализација што течи во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето, вели во дописот.
Веќе долги години наназад се шири непријатна миризба во околината, а еколошките активисти постојано апелираат до надлежните што побргу да преземат конкретни мерки. Проблемот е стар повеќе од 30 години и според експертите лежи во истекот на бајпасите кај плажата „Мизо“ и подолу кај вливот на реката Грашница. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес