Охрид/Брежани, 12. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со богослужба и народна прослава во манастирот „Св. Петар и Павле“, во селото Брежани и оваа година продолжи традицијата за празнување на светците.
Жителите на селото, но и бројни гости од земјата и многу пошироко го искористија убавото и сончево време за достојно одбележување на големиот празник.
Традиционално, секоја година за забавата се грижат реномирани исполнители, а годинава за убавото расположение беше задолжен Дамјан Стојаноски.
Празникот на Апостолот Петар во Охрид и охридско се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос.
Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? – Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт.“ (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Goce Totti Kuzeski