Охрид, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Точно три месеци откако е исклучена електричната енергија во општинското јавно претпријатие „Билјанини Извори“.
Раководството на претпријатието, како што велат оттаму, се уште го чека официјалниот одговор на нивното барање испратено до ЕВН за плаќање на долгот на рати.
– Испратено е одамна барање за плаќање на заостанатиот долг на рати, за да можат повторно да ни ја вклучат струјата. Деновиве остваривме контакти со претставниците на ЕВН од каде ни беше речено дека тоа е возможно, но се уште немаме добиено официјална потврда за тоа. Најверојатно до петок ќе го имаме одговорот, ни изјави денеска директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Ристе Мишев.
Инаку, како што Супер радио информира и на 12-ти јануари годинава, поголемиот дел од вработените се пуштени на принуден одмор. Работат само службите кои се најнеопходни за функционирање на ова претпријатие.
– Вработените се префрлени во канцеларијата на „Паркинзи“ во центарот на Охрид од каде ги извршуваат нивните работни обврски. Поголемиот дел од нив се на принуден одмор, а функционираат само службите кои се најпотребни, истакна тогаш Мишев за Супер радио.
Дознаваме дека дел од вработените одат на работа и во студените канцеларии кои се наоѓаат во спортско-рекреативниот комплекс „Билјанини Извори“.
Стадионот има електрична енергија, исто како и останатите објекти кои се наоѓаат на овој спортско-рекреативен центар и кои се изнајмуваат, како што се фитнес-центарот и ноќниот клуб бидејќи имаат посебни електрични броила одвоени од оние на претпријатието.
Струјата во спортската сала „Билјанини Извори“ беше исклучена на 11-ти ноември минатата година. Беше вклучена само неколку дена подоцна заради одржувањето на саемот за вработување на Агенцијата за вработување, и потоа претпријатието повторно беше исклучено од нисконапонската мрежа.
Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ по основ на неплатена потрошена електрична енергија и’должи на ЕВН над осум милиони денари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес