Вашингтон, 30. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Какаото содржи биоактивна состојка која ја подобрува меморијата која слабее со годините, покажуваат резултатите од новото истражување спроведено во САД.
Научниците од Универзитетот Колумбија спровеле истражување врз 37 здрави доброволци на возраст меѓу 50 и 69 години, кои биле поделени во две групи. Секој ден, во текот на три месеци научниците им давале пијалоци со какао, кои не се официјално пуштени во продажба во продавниците.
Едната група консумирала 900 милиграми флавоноиди дневно, а другата само 10 милиграми. Ако во почетокот на студијата, учесниците имале меморија на 60-годишен човек, три месеци подоцна тие веќе помнеле како 30 или 40-годишен човек.
Експертите велат дека освен во какаото, флавоноиди се содржат уште во некои видови на чај, овошје и зеленчук како јаболката, грозјето и боровинките. Освен за меморијата, корисните соединенија се поволни и за срцето. (Крај)
извор: Health фото: архива