News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 29, 2024

Охрид, 29. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го празнуваат Денот посветен на Светиот маченик Лонгин.

Божествениот евангелист Матеј опишувајќи го страдањето на Господ вели: „А стотникот и оние што заедно со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина овој бил Син Божји“ (Матеј 27, 54). Тој стотник беше овој блажен Лонгин, којшто со уште двајца свои војници поверува во Христа. Тој беше старешина на војниците што присуствуваа на распнувањето на Господ на Голгота и старешина на стражата што го чуваше гробот.

Кога еврејските старешини дознаа за Христовото воскресение, ги потплатуваа војниците да разгласуваат лажна вест дека божем Господ не воскреснал, туку дека телото Го украле Неговите ученици. Евреите се обидоа да го потплатат и Лонгин, но тој не се даде. Тогаш Евреите прибегнаа кон својот вообичаен начин, т.е. решија да го убијат. Кога дозна за ова Лонгин го симна војничкиот појас, се крсти од апостолите заедно со оние двајца другари, и заедно тајно го напуштија Јерусалим, од каде што се преселија во Кападокија.

Таму, светиот Лонгин се предаде на пост и молитва и како жив сведок на Воскресението Христово со своето сведоштво обрати мнозина незнабошци во вистинската вера. Потоа се оддалечи в село на имотот на татко му. Сепак, еврејската злоба ни таму не го остави мирен. Поради клевета од Евреите, Пилат испрати војници да го убијат Лонгин. Свети Лонгин го проѕре со духот приближувањето на своите џелати, па им излезе во пресрет и ги покани во својот дом не кажувајќи им кој е. Добро нагостени од него тие легнаа да спијат, а свети Лонгин застана на молитва и цела ноќ се подготвуваше за смрт молејќи се. Во зората отиде и ги доведе оние свои двајца другари, се облече во бели погребни облеки, ги поучи домашните, и им покажа место на едно ритче за да го закопаат.

Тогаш им се јави на војниците и им кажа дека тој е Лонгин когошто тие го бараат. Војниците се збунија и се засрамија и не ни мислеа да го убијат, но тој почна да ги присилува да ја извршат заповедта на својот старешина. И тогаш ги убија Лонгин и неговите двајца другари. Главата Лонгинова војниците му ја однесоа на Пилат, Пилат им ја предаде на Евреите, а тие ја забија во ѓубриштето надвор од градот. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука