Охрид, 24. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници го слават денешниот ден во чест и спомен на Свети апостол Филип.
Апостол од Седумдесетте. Родум од Кесарија Палестинска. Беше женет и во бракот му се родија четири ќерки, сите четири со дар на пророкување и сите четири заветувани девици Христови. Кога светите апостоли избираа ѓакони, тогаш беше избран и Филип, покрај Стефан и останатите.
Тој со голема љубов и внимание им служеше на сиромашните и на вдовиците. Кога настана гонењето на христијаните во Јерусалим, светиот апостол Филип се засолни во Самарија и таму го проповедаше Евангелието и Го сведочеше Бога со многубројни чуда и изгонувања на демони, со исцеленија на болни итн. Кога ги виде чудата на апостолот, се крсти и прочуениот волх Симон.
Свети Филип го крсти и евнухот на царицата Кандакија. Потоа, Ангел Божји во истиот миг невидливо го пренесе во Азот, кадешто оттогаш поучуваше и проповедаше и мнозина ги обраќаше кон Христа. Беше поставен за епископ во Лидија каде што крсти многумина.
Се упокои мирно во длабока старост.
Тропар
Апостоле Христов Филипе, тебе Господ ти дарува пород од телото, и преку тебе Духот Свети приведе мнозина кон спасение, Христов чудотворче, на ангелите собеседниче, моли се пред Спасителот во борбата да не омлитавиме. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива