Календар на МПЦ-ОА: Свети маченик Калистрат
октомври 10, 2024

Охрид, 10. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат споменот на Свети маченик Калистрат.

Родум од Картагена. Христијанин од раѓање, зашто татко му и дедо му беа христијани. Еден од предците на Калистрат, Неокор, служеше како војник во Ерусалим кај Пилат Понтиски во времето на страдањето на Господ Исус. Ги виде многубројните чуда Христови и поверува во Него, па беше научен на верата и крстен од апостолите. Кога се врати дома, Неокор им ја донесе на своите Христовата вера како драгоцен бисер.

Така по време и Св. Калистрат беше роден, крстен и воспитан како христијанин. Кога беше во војска во неговиот полк повеќе немаше ниеден христијанин освен него. Некои од неговите другари го видоа Свети Калистрат како станува ноќе и Му се моли на Бога, па го пријавија кај војводата Персентин како христијанин. А Персентин беше лут мачител на христијаните. За да се увери дали е Калистрат навистина христијанин, војводата му нареди да им принесе жртва на идолите, од што Калистрат веднаш се откажа. Тогаш многу го биеја и го фрлија во морето. Но Божјата сила го спаси и тој излезе здрав од морето. Гледајќи го трпењето на Клаистрат и неговите чуда, четириесет и девет војници поверуваа во Господ Исус Христос. И тие беа биени и фрлени во затвор заедно со Калистрат. Во затворот Св. Калистрат ги научи своите другари на верата и ги укрепи. И тие покажаа голема мажественост во страдањето, а Господ покажа голема сила на нив. Свирепиот мачител испрати војници во затворот ноќе и ги убија Св. Калистрат и неговите четириесет и девет другари.

Пострадаа за вистината во 304 година. Врз нивните мошти подоцна е подигната црква.

Тропар

Оној Кој сака сите да се спасат и да дојдат до познание на вистината, тебе Калистрате, саду на верата беспрекорна, те постави пред сите како украс на благодатта, преку тебе небесата мноштво воини придоби, и Црквата со нови венци се закити, застапи се за нас сега о, Христов мачениче, да пристигнеме во небесните дворови. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: mpc.org.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука