септември 15, 2024

Охрид, 15. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го прославуваат споменот на Свети маченик Мамант.

Родум од Пафлагонија, од Теодот и Руфина, прочуени христијани. Неговите родители беа фрлени во затвор заради Христовото име. Во затворот прво умре татко му, а потоа мајка му, откако го роди, и самата се упокои. Така, значи, остана младенецот во затворот меѓу мртвите тела на своите родители. Но, Промислителот Бог го испрати Својот Ангел кај некоја благородна вдовица Ама, на којашто Ангелот ѝ се јави во сон и ѝ рече да отиде во затворот и да го земе детето кај себе. Ама измоли дозвола од градоначалникот да ги закопа умрените, а детето го зеде во својот дом. Почна да зборува дури кога наполни пет години и првиот збор му беше „мама“.

Заради ова и го доби името Мамант. На училиште, Мамант покажа необична бистрина, а бидејќи од дома беше воспитан во христијански дух, не ја криеше својата вера, туку ја исповедаше пред врсниците исмевајќи ги идолите. Во времето на царот Аврелијан имаше жестоко гонење на христијаните. Незнабошците не ги штедеа ниту христијанските деца. Мамант имаше петнаесет години кога беше изведен пред царот. Царот му рече барем на збор да се одрече од Христа, на што Мамант му одговори: „Ниту во срцето ниту со устата нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос.“

Царот нареди, та го биеја, го гореа со свеќи и најпосле го фрлија в море. Но, Ангел Божји го спаси и го одведе на висока гора, близу до Кесарија. Овде тој живееше во самотија и во молитва. Од неговата светост се припитомуваа дивите ѕверови. Најпосле, и тука беше пронајден од гонителите и повторно подложен на маки.

Откако ја победи силата на огнот и на дивите ѕверови, го прободоа со трозабецот на некој идолски жрец. Така Му ја предаде својата света душа на Бога, Кому Му остана верен во сите маки. Од неговите мошти се случија многубројни исцелувања на болни.

Тропар

Блажен си ти, Маманте, кој тргна по патот Господов, ѕверовите природни ги скроти, а се засолна од луѓе ѕверолики, природата се поврати во служба на човека, бесовите ги напуштаа оние што кон тебе прибегнуваа, а со покој маченички Христа Го прослави. Радувај се, мачениче, кој пред Бога за нас молитви вознесуваш, и победата Христова во векови ја возвестуваш. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука