Охрид, 23. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го празнуваат Денот посветен на Светите маченички Минодора, Митродора и Нимфодора.
Трите се родени сестри од некое место во Витинија Азиска. Воспитани во христијански дух, се повлекоа од градот во пустината, сакајќи да го воздигнат својот ум кон Бога и да се ослободат од сиот лажлив свет и така да го проживеат овој век во чистота и девственост, како вистински невести Христови. Се предадоа на голем труд, пост и молитва, додека Бог не ги украси со дар на чудотворство. Кога почнаа кај нив да доаѓаат болни заради исцеленија, станаа прочуени наспроти нивната волја. Слушна за нив и кнезот Фронтон и ги довлече на суд.
Кога ги виде, се зачуди од убавината на нивните лица. Бидејќи иако беа големи испоснички, и телото им беше суво, лицето им беше светло, озарено со внатрешен мир и Божествена благодат. Кнезот најпрво им ласкаше и им ветуваше да ги испрати кај царот којшто би ги омажил за свои големци, но кога се увери дека неговите ласкања и ветувања немаат никакво дејство врз овие невести на Господ Исус Христос, нареди, па прво ја мачеа Минодора, а нејзините сестри ги фрлија во затвор.
По жестоките маки кнезот ѝ свика на Минодора: „Принеси им жртва на боговите!“ На ова, светата маченичка одговори: „Зар не гледаш дека ништо друго и не правам туку самата себеси Му се принесувам на жртва на мојот Бог?“ Кога света Минодора издивна во маки, тогаш кнезот ги изведе и останатите две сестри и ги постави покрај мртвото тело на Минодора, па покажувајќи на неа ги советуваше да се одречат од Христа. Но, бидејќи останаа непоколебливи и нив ги уби во големи маки. Во тој миг удри гром од небото и го погуби бездушниот Фронтон со неговите слуги. Христијаните чесно ги погребаа телата на светите маченички.
Пострадаа меѓу 305 и 311 година, во времето на Максимијан Галериј и се упокоија во Христовото Царство. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива