Календар на МПЦ-ОА: Свети пророк Наум
декември 14, 2024

Охрид, 14. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети пророк Наум.

Родум од племето Симеоново, од местото Елкесем, отаде Јордан. Живееше 700 години пред Христа. Двесте години после Пророкот Јона и ѝ ја прорече пропаста на Ниневеја. Од пророштвото на Јона Ниневејците се беа покајале, заради што Бог ги поштеди и не ги погуби.

Но, со текот на времето тие заборавија на милоста Божја и повторно се развратија. Пророкот Наум им прорече пропаст. Па бидејќи не принесоа покајание, не беа ни поштедени. Од земјотреси, поплави и оган пропадна сиот град, така што ни местото веќе не му се знаеше.

Свети Наум поживеа четириесет и пет години и се упокои во Господа, оставајќи мала книга со вистинити пророштва.

Тропар

Божји човеку и пророку Науме, тебе Господ ти ги откри патиштата на благодатта, Он простува но не заборава сe додека сокот од гранката на гревот не се исуши, по твоите молитви Тој нека нe заштити, спаси и сочува во вечни векови. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука