News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 27, 2024

Охрид, 27. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Св. апостол Филип, кој бил мачен и распнат заради верата во Бога.

Роден е во Витсаида крај езерото Галилејско, како Петар и Андреј. Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕва на повикот на Господ Исус и тргна по Него (Јован 1, 43). После слегувањето на Светиот Дух Филип ревносно го проповедаше Евангелието во многу краишта на Азија и Грција. Во Грција Евреите сакаа да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спаси. Така еврејскиот архиереј којшто се устреми да го бие одеднаш ослепе и сиот поцрне.

И имаше силен земјотрес и земјата се отвори и ги проголта злобните гонители на Филип. И многу други чуда се извршија, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабожци поверуваа во Христа. Во Фригискиот град Јерапол Св. Филип се најде на заедничка работа со Св. Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј. Таму имаше некоја опасна змија, којашто незнабожците грижливо ја хранеа и и’ се поклонуваа како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвија оваа змија. Со тоа врз себе го навлекоа гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабожци го фатија Филип и го распнаа на дрво главечки, потоа го распнаа и Вартоломеј.

Тогаш земјата се отвори и го проголта судијата и мнозина други со него. Во голем страв луѓето притрчаа да ги симнат апостолите. Но успеаја да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе беше издивнал. На крстените Вартоломеј им го постави за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелија од слепило и го крстија. Стахиј беше слеп четириесет години. Подоцна моштите на Св. Филип се пренесени во Рим.

Овој прекрасен апостол пострада во 86 година, во времето на царот Дометијан.

Тропар

Празнува вселената, ликува Етиопија, како со венец украсена, од тебе просветувајќи се, светло го слави твојот спомен, благоглаголив Филипе. Ги научи сите во Христа да веруваат, и текот на својот живот достојно евангелски го заврши. Затоа со смелост со оган се подигнува етиопската рака кон Бога. Него моли Го да ни подари милост голема. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука