News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 24, 2024

Охрид, 24. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-OA (Јулијанскиот календар) денеска е 11-ти ноември, денот кој православните христијани го одбележуваат во чест на Св. великомаченик Мина.

Свети Мина беше по род Египќанец, а по професија војник. Подоцна ја напушти службата и се повлече на пусто место, и полека, преку пост и молитва, сé повеќе му се приближуваше на Бога, кој му даде дар да ги гледа работите што се случуваат на далечина.

На тој начин, тој го виде незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па слезе во градот и го разобличи поклонувањето на идолите. Затоа беше ставен на маки, и најпосле му беше отсечена главата. Свети Мина особено се прослави како застапник пред Бога по напуштањето на земниот живот, слично како свети великомаченици Димитриј и Ѓорѓи.

Житие

По потекло Мисирец и војник по занимање Свети Мина, како вистински христијанин, не можеше да го гледа одвратното жртвопринесување на идолите, па ја напушти војската и градот и луѓето и се’ и отиде во пуста планина. Бидејќи на Св. Мина му беше полесно да живее со дивите ѕверови одошто со незнабожните луѓе. Еден ден светителот го проѕре од далечина незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па се спушти во градот и пред сите ја објави својата вера во живиот Бог Христос, а ги изобличи идолопоклонството и незнабоштвото како лага и мрак. Кнезот на тој град, некој Пирос, го запраша Свети Мина кој е тој и што е. Светителот му одговори: „Татковина ми е Мисир, името ми е Мина, бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести. Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно“.

Кога го слушна ова Пирос го подложи Свети Мина на големи маки. Го биеја, го стружеа со железни четки, го гореа со свеќи и го мачеа со разни други маки, па најпосле го убија со меч. Телото му го фрлија во оган за да не го земат христијаните, но тие сепак спасија од огнот некои делови. Овие остатоци ги погребаа чесно, а подоцна беа пренесени во Александрија и таму ги погребаа и над нив изградија црква.

Св. Мина пострада околу 304 година и се пресели во Христовото Царство. Тој беше и остана голем чудотворец во двата животи, и на земјата и на небото. На секого којшто го слави Св. Мина и во неволја со вера го повикува на помош, тој и му помогнал. Повеќепати се јавуваше како војник на коњ, за да им помогне на верните или за да ги казни неверните.

Тропар

Како собеседник на Бесплотните, и соподвижник на мачениците, ние кои со вера се собравме те пофалуваме, Мино. Измоли од Бога мир за светот и за душите наши голема милост. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука