јули 26, 2017

Охрид, 26. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Бесплатен концерт и театарска претстава вечерва на „Охридско лето“.

Од 20:30 часот во Центарот за култура Григор Прличев, концерт ќе одржи младинскиот камерен оркестар „Турксој“. Оркестарот е формиран во 2010 година од страна на турскиот владин фонд за поддршка.

Во него членуваат талентирани музичари кои студираат конзераториум на универзитетите од земјите членки на ТУРКСОЈ (Турција, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Туркменистан) и претставници од автономни региони на Руската Федерација. Овој оркестар, покрај делата од светската класична музика, изведува и дела од турски композитори.

Оркестарот досега има издадено два музички албуми и има одржано повеќе од 40 соло концерти во важни музички центри во светот. Оркестарот имаше своја изведба и во театарот „Шелдониан” на Универзитетот Оксфорд, кој претставува една од најпрестижните образовни институции во светот.

Покрај концертот, љубителите на театарот ќе може да ја погледнат претставата „Отело“ на Вилијам Шекспир, во режија на Иван Урумов, а во продукција на театарот на Бугарската Армија. Претставата ќе се одигра во предворјето на црквата „Св.Софија“ со почеток во 21: 00 часот. Цената на влезниот билет е 300 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука