Охрид, 3. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Изборите започнаа, но не престануваат анкетите за испитувањето на јавносто мислење во Охрид.
Деновиве повторно се прави телефонска анкета, на која покрај стандардните прашања – за кого би гласале, дали се граѓаните задоволни од работата на претходниот градоначалник, се поставуваше и прашањето „дали граѓаните би излегле на избори, кои би се одржале во краток период после локалните избори“.
кој ќе биде новиот градски татко?
Граѓаните периодов наназад беа буквално „бомбардирани“ од анкети во кои се бараше нивно мислење за промената на власта, потенцијалните кандидати и трендовите во кои се движи расположението кај охриѓани. Но, дали истражувањата на јавното мислење се доволна причина за да се донесе некаква поголема одлука или стратегија од страна на партиите?
Искуствата од периодот наназад покажуваат дека граѓаните многу малку (или воопшто не) им веруваат на анкетите, а уште потешко сакаат да учествуваат во истите. Компаниите кои се занимаваат со вакви истражувања, но и т.н. „институти“ кои како печурки се раѓаа и згаснуваа годиниве наназад, направија оваа исклучително важна област за функционирањето на секоја држава (да не заборавиме дека има живот и пред и после изборите и дека истражувања се прават и во економски, здравствени и многу други цели) да биде урнисана на најниски гранки. Константното вртење на исти телефони во секој град најчесто даваат исти или слични резултати, сондирањето на јавното мислење за медиумите од само десетина испитаници (најверојатно секогаш истите) во град од 30-40 илјади жители може да даде показатели со дискутабилна тежина (најблаго кажано).
На партиите и политичарите често не им е најважна точноста, објективноста и веродостојноста на истражувањата, туку само процентот на популарноста во еден момент. Но тоа е само моментот кога се правело мерењето, местото и околностите каде се правело истото.
Како потврда на ова се и резултатите од големата анкета на ИРИ спроведена на почетокот на август оваа година. Истата беше правена во периодот од 4-ти до 21-ви август, значи пред јавната објава на сегашниот градоначалник Никола Бакрачески дека нема да оди на втор мандат и пред објавата на кандидатот на СДСМ Јован Стојаноски од 2-ри септември. За да се добијат вистински и релевантни показатели, нужно беше да се направи нова сондажа по објавата на кандидатите за да може да се видат трендовите, кои се всушност и најинтересниот дел, затоа што рејтингот на личностите е варијабилен и може на него да влијае некој помал или поголем скандал, како на пример инцидентот на затворањето на „Охридско лето“, од 20-ти август, значи во време додека траела анкетата.
Она што мора да се знае е дека истражувачите и тимовите кои стојат зад нив не се пророци и не ја предвидуваат иднината. Овие истражувања не можат во никој случај да служат за било какво управување или насочување со избирачкото тело, затоа што луѓето тешко потпаѓаат под вакви влијанија. Истражувањата ги „нарачуваат“ партиите, медиумите, но и интересни групи и поединци. Податоците од истите траат релативно кратко време и се променливи, но е прашање колку се луѓето свесни за тој факт. Интересно е што резултатите од тековните истражувања имаат само 1 до 3 % влијание врз изборните резултати, но сепак влијаат. Тука може да дојде до израз умешноста и способноста на PR експертите кои се ангажирани, тие податоци прво да ги прочитаат, за потоа соодветно и во вистинско време да ги употребат.
Кампањата во Охрид започна со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори подадена рака и кафе помеѓу независниот кандидат и двајцата најсериозни претенденти за првата фотелја на „Димитар Влахов“ бр. 57. Впечатокот го расипа едната партија само ден-два подоцна со директен напад врз еден од кандидатите (дописот стигна од Централата во Скопје, за после да го препратат и од ОК во Охрид). Видливо е на почетокот дека има прилична доза на неорганизираност во двата поголеми табори: се праќаат или не маилови до медиумите, се дуплираат прес конференции во исто време, нема никаква медиумска кампања, се` е сведено само на штури соопштенија за активностите на кандидатите. Генерално имаме веќе видени сценарија од претходните циклуси, со младите кои го чистат градот, а кандидатите со „свитата“ одат од врата до врата.
Но да почекаме до средината на кампањата, кога ќе ја дадеме и првата оценка за истата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива