Охрид, 8. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Кампањата во пресрет на локалните избори во Охрид е на половината, а според првичната анализа, главно се води на социјалните мрежи и делумно на електронските медиуми.
Поголемите партии се постојано на терен, се сликаат со граѓаните, остваруваат средби со специјализирани таргет групи. За тоа време, „војната“ е префрлена на социјалните мрежи и делумно на електронските медиуми. На постовите се коментира, се полемизира, а често се употребуваат и претешки зборови и се прават обиди за да се оцрни „противникот“.
Владеачката СДСМ на социјалните мрежи најчесто испраќа пораките преку официјалниот профил на кандидатот за градоначалник д-р Константин Георгиески, кој во моментов (08.10.2021) има нешто над 5,5 илјади следачи. Постовите во просек привлекле реакција кај помеѓу 150 и 200 поддржувачи (изразено во лајкови на постовите). Граѓаните најчесто коментираат во знак на поддршка, а дел посочуваат на одредени проблеми со кои се соочуваат и изразуваат критики кон кандидатот. Активностите на кандидатите за Градскиот совет скоро и да не се третирани на овој профил и за активностите на истите се информира на профилот на ОО на СДСМ од Охрид, каде покрај за кандидатите за Совет, се споделуваат и активностите на Георгиески и оние кои се објавуваат на централно ниво на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициона партија, на изборите на 17-ти октомври излегува со д-р Кирил Пецаков. За промоција на активностите се користи профилот на кандидатот, кој во моментов има близу 5 илјади следачи. Секојдневните објави во просек привлекуваат реакција кај 150 до 200 поддржувачи (изразено во лајкови). Граѓаните во коментарите изразуваат поддршка за кандидатот, а дел поставуваат и прашања и изнесуваат одредени критики за објавените содржини. За разлика од против-кандидатот, на профилот на Пецаков се објавуваат скоро сите активности и на кандидатите за советници и комплетни промотивни аудио и видео материјали. Сите активности на кандидатот за градоначалник и за советници се објавуваат и на официјалната страна на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
Третиот кандидат за градоначалник на Охрид на овие избори е Гоце Цветковски од ТМРО. За промоција на активностите кандидатот го користи личниот профил на Facebook, а пред само 24 часа е креирана и страна, која за овој период има стотина следачи, па не може да се извлечат релевантни показатели. Сепак, неколкуте негови гостувања со конкурентите предизвикаа големо внимание кај јавноста. Доколку кандидатот излезе и со конкрентна програма и реални и остварливи решенија, може да ја валоризира моменталната популарност, што секако ќе се пренесе и на зголемување на бројот на освоени гласови на денот на изборите.
Во делот на советничките групи, покрај партиските листи, најголемо внимание привлекуваат независните советнички групи. На овие избори ги имаме три, кои се борат за гласовите на охриѓани.
„Охрид има План Б“ со самото име потенцираат дека претендираат да се поразлични од другите. На овие избори понудија свежа, атрактивна и отворена кампања, одлична од техничка и визуелна страна и со дефинирани пораки кон гласачите. Истите се испорачуваат на дневно ниво со кратки и јасни поенти, кои се однесуваат на решавање на проблемите со кои се среќаваат граѓаните секојдневно. Младоста и енергијата се на нивна страна, а според пораките кои ги испорачуваат, имаат сериозен дел од програмата посветен и на постарата генерација. Во моментов на нивниот официјален профил на Facebook имаат околу 1.200 следачи, а единствени од независните кандидати имаат и веб страна, која е редовно ажурирана и ги следи активностите на групата. Имаат позитивна кампања, без отворени напади кон конкурентите, со максимална посветеност на промовирање на програмата и авторитетот на кандидатите за советници.
Независната листа „Стевче Стевоски“ на овие избори стартува со над 1.000 освоени гласови од минатиот изборен циклус, кога кандидатот се кандидираше за градоначалник. Дали Стевоски ќе ја надмине оваа бројка, ќе покажат изборите на 17-ти октомври. Стевоски има технички добра кампања, која го одвојува од другите кандидати. Повеќе внимание е ставено на делот од каде доаѓа кандидатот и решавање на проблемите во Елшани, Пештани и целиот тој регион, но Стевоски се осврнува и на одредени проблеми со кои се среќаваат граѓаните на целата општина. Има соодветни видео спотови со кои се презентира пред граѓаните и кратки графички пораки за проблемите, кои според неговата програма, треба итно да се решаваат по изборите. Кандидатот го користи личниот профил за промоција на активностите.
Независната листа „Охрид пред се“ беше меѓу првите кои го објавија своето учество на изборите, а први ја објавија и листата кандидати за советници и делови од програмата и начелата за кои се залагаат. Во моментов на официјалниот профил на Facebook имаат околу 500 следачи. До нив скоро секојдневно испраќаат пораки, кои најчесто се линкови до објави во дел од локалните портали, но и информации за изборни промотивни активности. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес