Охрид, 27. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Ќе се обидеме да направиме една паралела, помеѓу љубовните лудости кои младите охриѓани ги правеле во минатото и оние кои денес ги практикуваат.
За ваков експеримент, потребно ни е за миг да отпатуваме во една подалечна временска димензија, во времето кога топлата летна ноќ ќе навлезела во одаите на куќите, кои прилепени една во една се гушкаат надвиснати над езерскиот спокој, а низ малите пенџерчиња срамежливо потсветнувала по некоја газиена ламба.
Тогаш по тесните калдрмисани охридски сокаци се случувале херојски љубовни подвизи, кои тогашните херои љубовџии ги претвориле во легенди. Така на пример се зборува дека извесен кир Ристаки се вљубил во една убава Деспина.
Сиротиот бил заљубен до уши, ама немал пристап до неа бидејќи Деспина била ветена на друг. За да не е едноставно, тој другиот за кого била ветена ја мамел три години, ама не ја зел. Деспина се нашла во еден вакум простор од кој немало начин како да излезе. Кир Ристаки се одбидувал преку посредници-подводаџии да ја побара раката на убавата Деспина. Ја испратил кира Катерина, која-ем благо не љуби, кафе не пие, само ја бара Деспина за кир Ристакија. Е арно ама овие од кај Деспина непара се сложуваат со барањето на кира Катерина, односно не ја давале Деспина затоа што им била таксана.
Чаре??
Чаре, Ристаки со другарчината прво фрлиле по некоја љута до две, и колку шо имало ѕвезди на небо толку пушки ќе фрлале со една единствена идеја „Деспина ќе ја грабиме за кир Ристакија“.
Што направиле секој различно раскажува, а крајно и не е толку битно, важно херојски се одважиле во име на љубовта и нашле начин како да создададат љубовна приказна која останала да се памети.
Веројатно ова бил начинот да се дојде до саканата девојка, ако не ја давале родителите, кој не бил лесен затоа што после ова ќе пукнел голем резил како за девојката така и за нејзината фамилија.
Доста подоцна во времето, во период кога и боговите шетале по земјата, главните љубовни лудости се одвивале кај популарните одморалишта во „Синдикални“. Љубовџиите од Охрид со помош на неговото височество „Точак“ атакуваат на преубавите ЈУ-екскурзијантки кои претсојуваат на брегот на охридското езеро. Нивното љубовно движење во историјата на овој град е забележано како „Маратон“, а учесниците се нарекувале „маратонци“.
И меѓу нив се верува дека постоле Деспина и Ристаки, но воглавно љубовната приказна маратонците и гостинките, кратко траела или воопшто ја немало, а приказните станале слични на ловџиските, во кои секој прераскажувал за својот успех и улов во суперлатив. Останале да се паметат романтични фрази, искажани во љубовен занес, на урнебесен српскохрватски јазик, помешан со охридски карактеристични изрази во стилот на „нисте клали дикат“ или „доџите јуче“.
Денеска Деспина со нејзините другарки се чекира на денско кафе, лесно позиционирана нога на нога, во крајбрежните кафулина, отприлика на иста локација каде шо Кир Ристаки правеше љубовни подвизи да ја грабнит Деспина, ама таа првата постарата.
Деспина денес преферират гардероба како за на свадба-ол инклузив – штикла, кармин, веѓи се под конец по некој силикон во буза и ваму таму по потреба, орлови нокти во различен спектар на бои и техники, мини сукница и дизајнирани хулахопки. Задолжително пладневно долго макијато и тенки цигари тврдо паковање, се дел од обичаите без кои Деспина не може.
Разговараат со другарките за сите теми, а користат зборови волшебни непознати за постарата публика од типот на: имам нов френд, ме адна вчера додека му лајкував статус. Деспина практикува нова уметничка категорија – селфие (слична на народната Селвие Селѓузел ), за која најмногу се користат огледалата во тоалетите. Оваа Ументност подразбира и континуирано шерување на селфијата на масовниото лудило Фајсбук и Инстаграм.
На другата маса од спротива, седи Ристаки со дружината, сите во фармерки прскани како со вар, облечени во дуксерки со шари како војничко шаторско крило на кои има по некоја апликација од змеј или драгонбол.
Сите, ама буквално сите, имаат пред себе билтен од кој црпат инспирација за типување. Главна преокупација им е Барса или Реал, а пропратно посетуваат изложб… оваа теретани и диско клубови.
Во позадината „убива“ музика, од која ретко кој може да слушне и разбере што другиот му зборува, ама важно сите климаат со главите по ритамот на буката, и истиот продолжува низ сите песни. Главен љубовен посредник-подводаџија помеѓу масата на Деспина и масата на Ристаки е урбаното љубовно орудие – Ајфонот. Тој е гаџет без кој не се излегува од дома, затоа што правилата се строги и не дозволуваат директен контакт со девојка по принцип „очи во очи“. Овде љубовните херојства започнуваат кога Деспина ќе го адне Ристаки за френд, а тој и испраќа кисче во инбох, онака како за хелоу. Таа за вратка му ги праќа најдобрите нејзини селфиа од тоалети низ цела Европа, кога била на апсолвентска. Ристаки, целиот збунет од ваквите нејзини ишарети, на секоја слика лајкува и испраќа по едно смајли како знак дека е мошне среќен. Дружината на Ристаки се обидува да се конектира со по некоја другарка од Деспина, испраќајки им слики од селфија во теретани, каде акцент се става на бицепсот и стомачните плочки. Ваквите љубовни херојства траат по цел ден, и како резултат на целодневните напори, Ристаки можно е да се охрабри и да ја повика Деспина со месиџ, да излезат вечерта во дискотека, за што Деспина мора да ги праша своите родители… се смеам… веднаш се согласува и му возвраќа со Океј.
Како и да е, и тогаш и сега љубовта е иста: бара храброст, бара жртви, руши порти, совладува далечини и јазични бариери, пробива пасворди, патерни и пин кодови и на крај стигнува до нечие срце и станува непобедлива.
Александар Карали
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во четвртиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на февруари 2015. година до крајот на март 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат адв. Александар Карали, Спаско Костоски од здружението „ЕКУЛТУР“ и интернационалниот водич во планина Антонио Додевски.