Охрид, 13. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Еден, брилијатно шеговит, припадник на ромската етничка заедница во РМ (согласно преамбулата), на својот другар му вели:
– Да ти кажам пред некој ден го отворам фрижидерон и ко ќе видам во него – Немат шо немаше: кашкавал немаше, салама немаше, сирење немаше, млеко немаше, јогурт немаше… Немат шо немаше…
Веројатно вака ќе го опише својот летен одмор во Охрид, некој турист од белиот свет, кога ќе им раскажува на своите пријатели за тоа што имаше – што немаше во Охрид.
Во Охрид немат шо немаше: место за крпа на песок немаше, мексичка храна немаше, кинеска храна немаше, Mек доналдс немаше, морски специјалитети немаше, јавни вецеа немаше, кино проекции немаше, дискотека немаше, тетарски претстави немаше, опера и балет немаше, младински организации немаше, аеро клубови немаше, извиднички клуб немаше, радиоаматерски клуб немаше, спортски натпревари немаше, фабрики немаше…
– А што имаше? – ќе се запрашаат неговите пријатели кои зачудено го гледаат цело време.
– Што имаше, еее…, па…, имаше полурасонети млади луѓе со пластични лажичина во уста, кои на пладне седат секој работен ден во локалните најлон-кафетерии и градски кладилници, инвестирајќи 50 денари од пензијата на своите дедовци и баби, во кратко, долго, топло, ладно еспресо, капучино или макијато и тоа по принципот „триефче за кафе двајсче за лифче“.
Имаше млади девојчиња маскирани во тетки со ладни трајни, со фацулина како Бамби, кои потпевнувајќи рефрени на турбо фолк јазик, брзаат од локал во локал до шест часот наутро, чиниш ќе ги одмине среќата ако не стигнат сегде.
Имаше, бурекџилници со ново работно време од два до четри наутро, каде се пренесуваше журката од локалите, и штотуку извадените пецива и буреци се голтаат во желудник оплакнат со водка џус и џин тоник, лакомо, како што некогаш се јадеше комат со праз, ама за добрутро.
Имаше лесковачки плескавици (раткапни) повеќе од колку во Лесковац.
Имаше луна парк од 1950 година, каде на дотраените реквизити едвај по некој домашен парадајз турист го залажуваше своето детенце дека е во Дизниленд. Имаше циркуска шатра на секои две години, со магариња, коњи и по некој ослабен стар слон кој веќе не ги исполнува пропорциите за во светските циркуски каравани, ама ете, сепак се влече по Балканот со својот најдобар другар магионичарот, на кого волшебниот цилиндар му се дупнал на дното.
Имаше певци-шабанајзери, скоро под секоја муренка, кои секогаш пееја од различен акорд од оној во кој одеше музиката од нивниот нов музички инструмент – лап-топот. Нивното дисонантно јаукање, го расипуваше слухот на оние кои го имаа, но тоа со закон не беше казниво.
Имаше мускулести момци со рамбо маички, спремни за бој, да одбранат чест на некоја девојка или ако некој се обидеше незгодно да се размине со нив.
Имаше е-тинејџери, кои се чекираат во секој кафич, со навалени глави пред својот господар Фејбук-ага. Имаше уличен жаргон и пцовки, имаше излог на кој со големи букви пишуваше „ПОПУС“ и сендвичари на кои главна храна беше „ТОС“ со што и` се пркосеше на словенската писменост чија лулка беше токму овој град.
Сето ова што го имаше, и тоа што го немаше, ја замаглуваше сликата, што жителите на градот си ја имаа во своите глави, а посакуваа да се врати во реалноста.
Сликата за Охрид од сеќавањата, беше оригиналната и на неа се сеќаваа и туристите кои некогаш биле тука.
Таа слика се разликуваше од сите копии кои здодевното, модерно секојдневие, ги репродуцираше на плочникот од плоштадот до чинарот.
Жителите на ова мало гратче, тон по тон, боја по боја, нијанса по нијанса можат да ја вратат оргиналната слика, онака како што Охридскиот уметник ги компонира во совршана композиција боите на небото, водата и сонцето, цртајќи го најубавиот залез над Охрид.
Таквата слика, може да се наслика ако заеднички, секој жител на овој магичен град ќе стави по една нијанса од својата омилена боја, врз платното.
Сликата ќе биде совршена ако секој се сети на својот Охрид, пред да фрли пикавец на улица, пред да го данлодира носот на тротоар, пред да го остави возилото на паркинг за инвалиди, пред да опцуе некого, пред да го ингнорира старецот кој преминува улица, пред да обвинува друг за тоа што сам не си го исчистил снегот пред својот двор,пред да направи било што – што би го нарушило балансот на заедништвото.
Тогаш кога сите нијанси ќе си го најдат своето вистинско место, ете тогаш белосветскиот патник ќе ги покани своите пријатели на кои им ја раскажал оваа приказна и пријателите на неговите пријатели, да дојдат во Охрид и да видат дека во Охрид „Немат шо немаше“.
Александар Карали
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во четвртиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на февруари 2015. година до крајот на март 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат адв. Александар Карали, Спаско Костоски од здружението „ЕКУЛТУР“ и интернационалниот водич во планина Антонио Додевски.