Охрид, 1. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денес е Денот на сите светци, еден од најголемите празници согласно календарот на Римокатоличката Црква, со кој се празнуваат сите светци.
Овој празник води потекло од IV век. Првите траги на општо прославување на сите светци се забележани прво во Антиохија и тоа на Духовден. Овој обичај е забележан и во 74 хомилија на свети Јован Златоуст (407 година) и така и до ден денес се задржал во источните православни цркви. Папата Григориј III (731-741) го поместил овој празник на 1 ноември со цел да може да се совпадне со древниот келтски празник Савин (Samhain) кој го означувал почетокот на Новата година. На тој начин одговорил на барањата на ирските монаси. Во времето на Карло Велики овој празник веќе пошироко се обележувал, а кралот Луј Побожниот во 835 година го прогласил за државен празник. Одлуката за тоа била донесена на „барање од страна на папата Григориј IV со согласност од сите епископи“.
Во календарот на Католичката црква, Денот на сите светци е означен како празничен ден, а во католичките земји тоа е воедно и државен празник. Во народот овој ден обично се поврзува со посета на гробиштата и уредување на гробовите, па така и со спомен на мртвите.
Освен во Католичката црква, овој ден се обележува и во Англиканската црква, како и во многу други евангелистички цркви, иако таму тој попримил други форми. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива