јули 10, 2019

Охрид, 10. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Она на што се чекаше за да продолжат градежните зафати на автопатот Кичево – Охрид е завршено, кинезите одобрија нова транша.

Надлежните велат пробивање на роковите нема да има, па се очекува интензивирање на градежните зафати за автопатската делница да биде готова до јули 2021 година.

– Амбасадорката најави дека кинеската страна го одобрува кредитот за продолжување на изградбата на автопатот Кичево – Охрид кој го чекавме како одлука од Народна Република Кина. Порачувам дека продолжуваме интензивно да работиме на комплетирање и завршување на негова изградба, изјави премиерот Зоран Заев.

– Автопатската делница наскоро ќе почне со полна имплементација мислам дека со кинеските партнери постигнавме разбирање и наскорот може да очекуваме оваа автопатска делница да почне да се гради со забрзана динамика, за бенефит на граѓаните од западниот дел на земјата но и за туристичките потреби, потенцира вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Владата претходно потпиша два анекс договори со кинески „Синохидро“, за продолжување на рокот за изведба и за дополнителната сума што ќе треба да се одвои за изведба на клучки, изградба на патишта, санација на косини и стабилизација на свлечишта.

Автопатот во должина од 57 километри, кој почна да се гради во февруари 2014 година, сега ќе чини 598 милиони евра. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука