мај 17, 2017

Охрид, 17. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кристијан Китанов, ученик во втора година во Средното угостителско туристичко училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид, освои сребрен и бронзен медал на Гастрономскиот фестивал во Крањска Гора, Словенија.

Младиот готвач Китанов, за Супер радио вели дека по завршувањето на средното училиште во Охрид, би сакал да студира по својата струка угостителство на некоја висока школа во Швајцарија. Неговиот успех на меѓународниот фестивал во Словенија, се должи на перманентна работа, учење и следење на насоките, кои му ги даваат како неговите професори, така и менторот. Конкретно за натпреварот во Словенија, се подготвувал околу еден месец. Смета дека многу му помогнало што неколку пати го имал извежбано точниот рецепт, заедно со менторот, шеф Влатко Ѓоргиевски.

– Со шефот Влатко се подготвував активно, речиси секојдневно ми укажуваше на сите детали, како да го подготвам јадењето кое го наменивме за натпреварот. Конкуренцијата таму беше огромна, затоа што се натпреварувавме со светски прваци во готвење, вели Китанов.

Китанов се натпреваруваше во категориите на Традиционални и Модерни јадења. Самиот објаснува дека за првиот предизвик му биле потребни околу 35 минути, додека за второто јадење, околу половина час. Меѓу омилените предмети на училиште му се оние по практична работа. Околу неговите идни планови, вели дека не е сигурен како ќе се развива неговата кариера. Во секој случај, се гледа себеси како иден шеф, бидејќи тоа е професијата која со задоволство ја избрал.

– Овој мој успех, се надевам дека е карта за упис во некој добар универзитет. Би сакал да можам, по завршувањето на средното училиште, да студирам во Швајцарија. Иако сеуште е рано за да ги правам сите планови. Сега засега да го завршам успешно училиштето и потоа да студирам, дополнува амбициозниот и талентиран млад готвач.

Додека, неговиот ментот, познатиот охридски врвен готвач, Влатко Ѓоргиевски, вели дека освојувањето на вакви признанија е потврда како за младиот надежен готвач, така и за него лично, како ментор. Тој е задоволен од Китанов, кој целосно бил посветен на задачата, а предходно ги слушал сите насоки, кои му биле зададени.

gastronomski festival Slovenija (1)

– Презадоволен сум од Китанов, тој секако е уште млад, може да постигне уште повеќе во иднина. Успеа од овој фестивал да се врати со две медали во две категории. Тоа што го планиравме, таму се реализираше, објаснува шеф Ѓоргиевски.

Според Ѓоргиевски, на ваквите гастрономски натревари, тремата секогаш е „придружник“, не само кај младите, туку и кај професионалците.

– Секој натпревар на секој готвач е еден вид настап. Нормално е да се има трема. И професионалците имаат трема, а не пак, младите готвачи. Тоа е така, затоа што пред нив се врвни готвачи, судии. Најмногу збунува кога има ментори, судии, некои познати имиња во светот на кулинарството, кои можеби некому му се идоли, а во такви моменти се во улога на оценувачи, потенцира Ѓоргиевски.

Тимот на Македонската Асоцијација на Готвачи и Шефови – ГастроМак Македонија, на годинешниот Втор меѓународен кулинарски фестивал, го сочинуваше и шеф Игор Атансов, кој освои два бронзени медали.

Со кулинарските вештини и креативност, двајцата македонски шефови ги задоволија и највисоките критериуми на натпреварот и ги освоија симпатиите на жирито. Тие го потврдија квалитетот на гастрономските познавања и вештини, со рамноправен настап, меѓу најдобрите шефови на кујни од Европа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука