Охрид, 31. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – На следниот владин јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти во февруари идната година ќе аплицираме за добивање средства за проектот за Свињишки извори, рече на денешната седница на Совет секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Потенцира дека пред две години, по спроведените испитувања на изворите било утврдено дека има доволно сила, па ако Охрид се снабдува со вода од Свињишки извори, околу 60% од градот би се водоснабдувал по природен тек.
– На новиот јавен повик од Владата, наместо 40 евра по глава на жител ќе добиеме околу 130 евра по глава на жител во Охрид. Тоа се некаде околу 7 милиони евра за следната година. Свињишките извори се во нашиот план и се надевам дека на следниот повик ќе пристапиме кон реализација на тој проект. Но, неговата реализација нема да биде одеднаш, бидејќи е скап проект, сигурно би чинел од 6 до 8 милиони евра. Од следната година би го имале во план овој проект што би го решавале во неколку фази и се надевам дека првата фаза од реализација на тој проект би била следната година на следниот повик во февруари, рече Китески.
Инаку Владата неодамна ги одобри сите 10 проекти со кои Општина Охрид аплицираше на јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финанасирање на инфраструктурни проекти објавен од страна на Министерството за локална самоуправа. Опфатени се реконструкции на улици, фекална канализација, водоводна линија, целосна промена на опремата на пумпната станица Метропол… за што се одобрени околу два милиони евра.
Поради одобрените средства за реализација на проектите, на седницата беа изгласани измените и дополнувањата на развојната програма за уредување на градежното земјиште за 2024-2026 година, програмата за уредување на градежното земјиште за 2024 година и измената на распоредот на средства од буџетот на Општина Охрид за 2024 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес