февруари 11, 2017

Охрид, 11. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од пред неколку години Културно Информативниот центар „Култура 365“ во Охрид го востанови настанот „Литературно читање во чест на холандскиот писател А. ден Долард“.

Секоја година настанот се одржува на 7-ми февруари, на денот на роденденот на А. ден Долард. И годинава поети од Охрид се претставија со нивни одбрани стихови на овој настан.

citanjezaadendolard

Инаку, минатата година излезе од печат книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ на охридскиот писател, публицист и идеен творец на КИЦ „Култура 365“, Мишо Јузмески. Ова дело претставува продолжение на истражувачкиот и литературен придонес на авторот. Книгата се однесува на еден вид благодарност на авторот Јузмески, кон промовирањето на Охрид и Македонија од страна на холандскиот писател А. ден Долард, кој во својот животен век посветил многу дела за убавините на нашата држава.

– А. ден Долард бил вљубен во Македонија, во Охрид. Тој пишувал за Македонија и за време на бугарската и српската окупација, како и за проблемите со Грција уште од тоа време. А. ден Долард е најголемиот промотор на Македонија во Холандија во подолг временски период, заслужен за веќе традиционалното холандско-македонско пријателство што најчесто се остварува преку холандските туристи кои ја посетуваат Македонија уште од средината на минатиот век, потсетува Јузмески.

Во 2011 година во просторот на „Култура 365“ беше отворена и спомен соба со постојната поставка на фотографии и публикувани дела и извадови од книгите на А. ден Долард. Во 2012 година, Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, која беше преведена на холандски и англиски јазик. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Мишо Јузмески

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука