Скопје/Ресен, 25. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Кинотека „Македонија” се одржа светската премиера на документарниот филм „Езеро од јаболка“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска.
Филмот зборува за резултатите од долгогодишните напори на Програмата за развој на Обединетите нации и Општината Ресен за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро, кои се финансиски поддржани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.
– После петнаесет години работа и петнаесет милиони долари инвестиција среќни сме што виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат, благодарение на промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури, намалувањето на внесот на загадувачки материи од различни извори и подобрувањето на управувањето со ресурсите, изјави Генералниот потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Хелен Кларк.
Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики, како што се фертиригацијата, методи за контрола на употребата на пестициди и подобрување на карактеристиките на почвата со примена на органски ѓубрива. Како резултат на тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување.
Проектот е исто така од непроценлива важност за локалната самоуправа. Локалните капацитети се на нивото потребно за успешно соочување со идните предизвици и одржување на импулсот на одржливиот развој на долг рок.
– Ова е одличен пример на „тројна победа“ за одржливиот развој која ние во УНДП се обидуваме да ја постигнеме секаде каде што работиме. Ова искуство УНДП ќе продолжи да го користи во многу други земји во светот кои се соочуваат со слични предизвици на својот пат кон остварување на Целите за одржлив развој, заклучи Хелен Кларк. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива