Охрид, 27. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Измина цел век од изработката на првиот охридски бисер од рацете на членовите на познатата охридска фамилија Талеви.
Приказната почнува во далечната 1924 година кога Ване Талев ја купил тајната формула за правење на емулзијата со која се премачкуваат бисерите.
Климент Талев е втора генерација во семејството кој и на негови 83 години сѐ уште изработува охридски бисери и е скоро секој ден во семејниот дуќан во чаршијата. Вели охридскиот бисер е единствен и уникатен, изработката е исклучиво рачна, тајната за емулзијата, направена од рибино сребро што се добива од плашицата се пренесува од колено на колено.
Веќе 26 години традицијата ја продолжува неговиот син Ване, а внукот Климент од пред речиси седум години. Во документарниот филм во продукција на Супер радио и OhridPress, Ване потенцира дека е особено горд што неговиот син ќе биде подобар од него. Климент пак кој е четврта генерација што ја негува семејната традиција рече дека е особено горд и си го сака ова што го работи.
Со мајсторот Климент Талев, неговиот син Ване и внукот Климент поразговаравме и за тоа од каде дошол називот охридски бисер, пренесување на тајната од татко на син, чии сѐ грла низ светот се украсени со оригинален охридски бисер, но и за нелојалната конкуренција со која годиниве наназад се соочуваат.
Супер радио: Семејството Талеви е позната и стара охридска фамилија која полн век го изработува традиционалниот охридски бисер. Колкава е точно традицијата на изработка на овој ваш бренд?
Талев: Точно сто години е оваа наша традиција. Точниот месец кога почнал татко ми, кога го намачкал првото зрнце тоа не ми го кажа кога ми ја даваше тајната, но главно 1924 година се почетоците.
Супер радио: Како и за колку пари е купена тајната формула за правење на емулзијата со која се премачкуваат бисерите?
Талев: Се сеќавам, не сакаше татко ми Ване да ми каже, постарите еснафи беа потајни, многу не откриваа на своите деца, но јас мислам дека е за 24 наполеони златни. Барале многу повеќе, но за толку се договориле. Стрико ми Михаил, бидејќи двајцата ја водеа фирмата, беше голем трговец. Татко ми работеше во дуќанот, а стрико ми повеќе патуваше, од Јужноафричка унија купуваше сирови дијаманти, па ги носеше на брусење во Холандија, одеше во Швајцарија да купува часовници, во Белгија тргуваше со дрво од орев. Во тоа време шетајќи по чаршија еден емигрант од Русија, Јован Субанович, бегајќи од егзекуциите на Црвената армија, инаку по потекло Србин, избегал во овие краишта. Шетајќи го видел нашиот дуќан, во кој се продавало злато, дијаманти, бисери не правеа тогаш. После купувањето на тајната за подготовка на емулзијата, се поставил проблем за набавка на репроматеријал, од каде да се набави седеф. Но, инвентивноста на мојот стрико немала граници, соработувал со еврејски трговци. Некој му кажал дека ваков материјал има во Витлеем, стрико ми нашол врски, го нашле и трговецот и производител на седеф, Иса Батарса. Јас имав можност татко ми да ми остави неколку килограми од тој материјал, не знаете кој квалитет го имаше, денес тој материјал го нема. И овој сега е добар, но не како тогашниот.
Супер радио: Дали од секогаш бил називот охридски бисер?
Талев: Не, не беше отсекогаш. На 20-ти декември 1964 година мајка ми ме разбуди утрото дека татко ми сака да пиеме кафе, нешто што дотогаш не се случило. Беше многу резервиран со нас децата. Го испивме кафето и ми рече дека констатирал дека е време да има доверба во мебе за ми ја пренесе тајната, а мајка ми настојувала и уште порано да го направи тоа. Беше многу среќен, го чувствував тоа. Ми покажа неколку шишиња и ми кажа од кое колку да се стави во едно поголемо, но важен беше редоследот, да не се измеша. Шишето ќе го мешаш по три пати секој ден, колку ти издржуваат рацете. Елементите им треба најмалку една недела да се стопат во другите, има елементи за сјај, за лепење, за издржливост и секое си влијае на другото. Зборуваме за квалитет, ако сакаш направи ја и веднаш почни со работа, но муштеријата ќе ти го врати накитот. И’ реков на мајка ми да ми донесе молив и хартија за да запишам, но не смееше. Ми рече ако оставиш хартија, тогаш тајната не е твоја, сѐ мораш да запомниш. Три пати го повторував редоследот и научив. Ми рече шишето со емулзијата нема вредност, не може да се плати, бидејќи ова кога ќе го потрошиш многу пари ќе земеш. Е сега следуваше проклетството на прекршеното ветување. Една недела од кога ми ја предаде тајната, татко ми почина. Ако ја предадеш тајната, аир нема да видиш, а и фамилијата нема да ти опстане, така ми рече. Ако треба ти ќе се жртвуваш, ама поколението ќе го заштитиш. Друго, на женско дете тајната да не ја даваш. Ако имаш повеќе машки деца дилемата е дали да им кажеш на сите или не. Не е грев и така и така ако направиш, но ќе цениш. Јас дури не утврдив дека си човек на место, не си коцкар, пијаница, не ти ја дадов тајната, така рече татко ми. Тоа е најважната работа, се пренесува од татко на син, пресреќен сум што доживеав 83 години што лично јас по желба на мојот син Ване му ја предадов тајната на мојот внук Климент. Кога татко ми ја предавше тајната рече дека е за подготовка на емулзија за рачна изработка на ѓердани. Во Битола живееле многу Евреи банкари, доаѓале со пајтони и кажувале дека биле во Охрид во дуќанот на Талеви да земат ѓердани. И така повеќе случаи, по што почнал да се користи зборот бисери како помодерен збор, веројатно тоа е дојдено од Европа, не знам од каде е дојден називот, но се одомаќинил. Тоа било некаде 1933/34 година и никој во светов нема заслуга за името охридски бисер освен мојот татко.
Супер радио: Кога вие му ја пренесовте тајната на Вашиот син Ване?
Талев: На син ми, пак под притисок на мајка ми Голабе, тајната му ја предадов во месец февруари 1998 година, еден месец пред да почине мајка ми. Му реков, му оставив аманет да ја пренесе на Климент, Михаил и Александар, но ако не изразат желба да работат или ако немаат афинитет, залудно е и да се каже. При крајот на студиите на Климент на Економскиот факултет отидов во Скопје и го прашав дали ќе го работи занаетот, рече дека има афинитет и дека ќе го преземе дуќанот. По завршување на факултетот си почна со работа. За мене сега тие се најважни, тие одат по мојот пат, тоа е најголемата моја радост, да ми се децата среќни и да одат по мојот пат. Си работат сега татко и син, одлично се синхронизирани.
Супер радио: Господине Ване вие сте трета генерација во фамилијата што изработува охридски бисер. Беше тешко или лесно да се продолжи занаетот?
Ване Талев: Првиот аманет е од првиот мајстор, мојот покоен дедо и тоа треба да се практикува дури постојат Талеви. Дефинитивно тие неколку работи јас ги испитав во текот на годините кај син ми се докажа дека може да му биде предадена тајната, особено околу тие пороци, коцка, пијанство, тие пороци ги нема кај мојот син, а сигурно и татко ми утврди кај мене дека е тоа валидно и пред доста години ми ја предаде тајната мене, а сега продолжува и мојот син. Дефинитивно ќе биде подобар од мене, уште сега може да тврдам. Јас сум многу горд и утре да заминам знам што и кому оставам.
Супер радио: Занаетот го наследи и внукот Климент, кој е веќе четврта генерација во фамилијата. Какво е чувството Климент да се биде дел и да се одржува во живот брендот охридски бисер.
Климент Талев: Чувството е многу убаво, веќе 100 години имаме традиција. Јас додека бев на факултет на татко ми и дедо им кажав дека кога ќе завршам сакам веднаш да почнам со работа тука. Така и се случи, тие се уверија дека ги исполнувам сите услови за да ми ја кажат тајната за изработка на емулзијата и полека, полека со текот на времето почнав да навлегувам во изработката. Јас имам уште двајца браќа, а афинитет да продолжи со овој знает покажува најмалиот Александар, додека средниот брат сака да ја научи тајната за правење на емулзијата, ама доколку јас не сакам да го работам ова, тој да го преземе. Јас веќе добри 6-7 години работам и си го сакам ова што го работам.
Супер радио: За вашата работа добивте Признание за зачувување и промовирање на изработката на охридскиот бисер.
Талев: Во 2001 година госпоѓа Билјана Лекиќ ми се јави од Скопје, од Заводот за патенти и лиценци, ми рече господине Талев одиме за Брисел и е предложено да ни дадеш неколку комплети бисери да ги изложиме, бидејќи е настанот од стопански карактер, ќе носиме во Европа автентични македонски производи, вино, тутун… производи од занаети што опстојуваат во Македонија. Им дадов шест комплети и уште шест поситни бисери. По една недела ми се јави за да ми каже дека не се вратиле со бисери, бидејќи сите биле експресно продадени. После проценката и доделувањето на престижниот златен медал едногласно изгласана од сите членови, експерти за утврдување на квалитет на накит, сите од комисијата ги купиле, ниту еден не сакал подарок. Златниот медал ми го додели тогашниот македонски министер за економија. Потоа добив писмо од министерство за економија во кое ми признаваат сертификат за квалитет, само јас во Македонија го добив. На него има државен печат, а сувиот печат го нарача син ми бидејќи веднаш почнаа да го фалсификуваат и во име наше да даваат сертификати.
Супер радио: Низ сите овие години, полн век, чии познати грла се украсени со бисери од семејството Талеви?
Талев: Најважната личност која го доби бисерот трореден асиметричен, што го изработив лично јас е даден на Кралицата Елизабета, при посетата на нашиот покоен претседател Борис Трајкоски и’ го врачи неговата сопруга Вилма. Претседателот Трајковски ни беше редовен муштерија, за волја на вистината Бранко Црвековски исто така, а меѓу врвот на потрошувачи беше и Киро Глигоров. Бисери од кај нас земале и шеикот од Кувајт, Колин Пауел, Лорд од Лондон, Кралското семејство на Англија, Дијана преку протокол нарача ѓердан точно да е 38 сантиметри, деканот на Делхискиот универзитет, шеиции од Емиратите, сопругата на полскиот амбасадор Карло Бахура и постојано ми праќаат муштерии. Многу сум благодарен на хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ, беше воодушевена кога дојде во нашиот дуќан, зеде накит, но и направи многу фотографии, што потоа се нашле на брошури во авионите на Адриа, ете таа многу ми има помогнато.
Супер радио: И покрај сите сертификати што ги поседувате за брендот охридски бисер, сведоци сме дека подолг период наназад, особено последниве години се соочувате со нелојална конкуренција. Низ чаршијата, но и во други градови се продава бисерен накит под името оригинален охридски бисер. Како се справувате со ова и кој е начинот да бидете заштитени?
Талев: За да бидам законски заштитен, јас во договор со Михајло Филев си побаравме од државата да бидеме заштитени со географско потекло. Кај нас, со географско потекло е заштитено нашето квалитетно македонско вино и никој во светот не смее да продава под брендот македонско вино. Исто така и нашите бисери се заштитени. Но, сега што се случува, ги видоа овие сертификати сите квази бисерџии што се во чаршијава и веднаш почнаа да печатат сертификати, дури три четири фирми имам докази дека продаваат под името на Талеви. Заштитата е многу едноставна, Република Македонија одвојува огромни фондови за инспекциски служби, но како јас да ги натерам службите да си ја вршат службата, едноставно не ја вршат службата, затоа се сите оние фалсификати. И таму има луѓе кои гледаат фамилии, но си има некое правило, пишано и непишано, законско и Божјо јас велам. Не смее под називот охридски бисер да продава, она што го продаваат е како репроматеријал, тој кај на е најевтин, кај нас најскапо е времето и емулзијата. За мене репроматеријалот е Божји благодат, а за другите средство за богатење. Може да речат ние ви продаваме седефаста перла, ама не, велат ова е охридски бисер и тоа оригинал. Бараме само да се примени словото на законот, не може месинг исполиран да се продава за 18 каратно злато, е тоа е тоа. Тоа што не сме заштитени не зависи од нас, реагира и Михајло и јас, но сето тоа е залудно, зборовите се губат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Be1 Digital Marketing