Како најсоодветна мисла која би можела да ја поставам како јадица за размислување, а да се однесува на состојбата во Охрид, е:
Игнорирањето внесува хаос, а не вложувањето во образованието!
Тука би сакала да поттикнам на размислување за делот на високото образование, поточно повеќегодишните вложувања на Владата и залагањата на Премиерот во нови, напредни и проекти со визија за Охрид.
Така на пример, можам да потврдам дека новиот Универзитет кој со фантастична цел и замисла се отвори во 2009 година во Охрид, требаше да биде не само локален, не само национален, туку и регионален, а понатака и меѓународен Универзитет. Спој каде искуството на европската и американската научно наставна пракса во високото образование, требаше да даде нова страница во високото образование во Република Македонија, а понатака и пошироко. Целта за овој Универзитет беше толку јасно поставена и јавно обзнанена, што претпоставував дека за Нас Охриѓани и за Охрид е чест и привилегија што баш се одлучило тука да се даде шанса за отворање и реализација на овој Универзитет.
Но, како и за многу други напредни и проекти со долгорочни цели кои се инвестирале во Охрид, така и овој проект – Универзитетот, го сведовме на локално препукување, декаденција на вредности, разобличување на реалности, па и разобличување на самата првична цел. Е драги мои охриѓани, ова самите си го правиме себеси! Кога на еден град е дадена можност, неможе некој од Горе да дојде да ја покоси тревата, да го ископа дворот или исчисти масата…. тоа треба ние самите… е тука сме Тенки!
Од Универзитет кој требаше да биде реализиран по теркот на најпознатите и наквалитетни американски Универзитети, кој требаше не само Охрид туку и Македонија да ја вивне меѓу високата научно наставна светска реалност, остана само бледо сеќавање и Тоа што требало да биде и реалност на кубурење.
…..А се ни беше на дофат! На Охрид му беше даден на рака клуч за светла иднина, а што направивме Ние охриѓани?! Се загушивме, се потпивме во своите догми, малограѓански комплекси, дневно кафеџиски увертири, и дозволување да ни ја тераат иднината луѓе со кратковид, тесновид, луѓе кои освен трпезата на својата маса не се заинтересирани за нешто повеќе…..
Ех драги мои, можеби е важно моментално да залажете некого, да се претставите пред Главниот дека „Ја туркаме“ работава и се е ТОП, но ако ви е доделена улога на градење на Иднината на еден Град и граѓаните, е тогаш нема назад!- Има храбро пред сите предизвици, според она што се дало за Цел, доследно според планираното, и според Отчетот кој треба да се даде, да се сработи до најмала ситница! .. е тука сме Тенки !
…..Ние пусто повеќе сме за под тепих пикање, а тешки сме за генералка…. абе кога ќе дојдат да проверат, Точно, се ќе е чисто, цвеќа, мириси,… ама што ако на Некој му текне да погледне позади креветите, а не дај Боже ако на Некој му текне да го поткрене Тепихот?.. е, Шо прајме тогаш?!
Никој не ни е крив што подадената рака ја сечиме! Лично Тврдам дека Владата максимално се залага во сите изминати години како никој до сега за Охрид… но прашањето е Колку Ние Охриѓани се залагаме за самите ние и за Охрид?
Во наредните текстови ќе се осврнам на повеќе реалности, се со цел да сфатиме дека од Нас зависи, од тоа какви и кои луѓе односно кадри ги Вреднуваме, дали Лигавењето и повеќеличноста е полезно или нездраво вложување во својата и иднината на Охрид?!
Дали сме среќни само со просечноста и уште повеќе со подпросечноста, и тивко си се тешиме: фала Богу оние што „многу знаат“ ги тргнавме..?! Е да, но таквите кои се „опасност“ сега се на еминентни места во академските средини низ Европа, Америка итн итн.. но шуќур не кај нас, пу пу … зш можеа да останат во Охрид, и после како ќе игравме тетки – метки, пиши – препиши, мижи да ти бајам, итн итн…..хм , која иронија.
……продолжува
Климоска Катерина
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.