јануари 24, 2015

Случај 1:
Абе ти си будала, абе седи си, си имаш државна работа, платичка на време, бенефиции, фотеља, ти е гајле што кажуваат,ти е гајле што задачи, не кревај бе телефон, прави се слушам-не слушам, не му се нервирај,…..  Магарето лета? Лета ќе кажеш…. кафенце, муабет, ќе подработиш, и дома…. а не ти ќе се му ја мислиш тука за работата….

…. еден вообичаен разговор на вообичаен државен административец кај нас (во случајов во високото образование). Раководителот /ректорот/директорот доаѓа, сите административци со фино намесета насмевка и добро спакувани приказни за ако нешто тргне на лошо одма да се „извадат“ на другиот колега, и така секој ден, секоја недела, па и години….  сржта на системот.

Случај 2:

Луѓе дајте да оправдаме тоа што сме дел од државна администрација, дел од високо образование, дел од можност на нашиот град да му се случи нешто добро!….. ауууу, а што ти ќе ја менуваш државата на подобро или градов?.. абе седи тука уживај….
….нормално ако не „уживаш“ на тој начин веднаш ќе пронајдат начин „фино“ да те тргнат настрана за да не им пречиш во „уживањето“…

…феномен: како од најнеинвентивните, луѓе без печат,  луѓе без пријатна мирислива аура, направивме да се најподобни кадри за воведување на новитети?… од нив неможеш да очекуваш да ти реализираат крупни стратешки промени во образованието, бидејќи го немаат тој концептуален капацитет во себе…..а сепак тука се, а во исто време со нив и Македонија толку далеку од Европа и Свет… само да потенцирам дека нашите луѓе си ги избираме ние, охриѓани за Охрид или така некако…

Е сега, јас сакам да прашам, бидејќи сите плукаме Нагоре кон Премиерот, Министерот итн., да не плуканицата ни паѓа нам на лице? Да не плуканицата ни се враќа дирекно на нашите лица?!

Во претходниот текст наставничката колумнист во оваа група 046 напиша дека важен е квалитетот на наставниот кадар?…ах, да драга наставничке, ако не сте биле дел од тие што поддржале можеби баш нешто спротивно?!

Додека, не само во нашата држава, туку и низ академската јавност во Европа, Азија и Америка, ние како народ и држава бевме препознавани како место каде наставно научниот кадар својот научен труд го работи на „copy paste“ принцип, кај нас баш тие и таквите како „бели мечки“ се штитеа и Богами секогаш ќе се штитат. Но пазете, тоа ништо не кажува за нив, туку за оние другите кои ги поддржале, заштитиле,при ракување им рекле браво… ау, а сега некои од нив се За квалитет? хм.. чудно..

Јас искрено и не го обвинувам Премиерот што сака да воведе Државен испит, приемен  испит итн итн., па човекот дозволи и овозможи толку проекти,се со цел да излеземе од  блатото на сопствените догми, заостанати сомнителноморални норми, за Ние- што од тоа да направиме?…. убава шминка од лоша make up марка, истечена маскара, но добро фиксирана насмевка и „невино“ наместено лице, за кога ќе дојде и ќе не праша Некој, што си сработил,  успешно добро да ни помине маскарадијадата!

Е, арно ама, некогаш и таа ќе заврши, некогаш и треба лицата да се измијат, е тогаш ќе остане вистината!

Големи луѓе по знаење интелект и искуство ме уверуваа дека не треба многу да се вознемирувам, бидејќи еден ден вистината излегува… Да, но што од тоа? Што од тоа кога веќе штетата се направила за Тебе, за Градот, за Иднината?!

Затоа, за Охрид, за охриѓани, потребни ни се само правите луѓе оние со квалитет, знаење самосвесност и добро позитивно ниво на животни вредности, за да ги оставриме Проектите што Власта ни ги доверува!

Но верувајте дека никој никогаш на Охрид не му наштетил, па ни во делот на образованието посебно високото, отколку самиот – самите ние – себе си си ја сместивме стапицата на понирање!

И сега, и да се воведе државен испит, приемен испит итн итн, нема да се излечи и отстрани Причината на болеста, само ќе се дадат нови лекови  кои нема да бидат на рецепт за тој вирус и можат да предизвикаат нусефекти … Отстранете ја причината и причините за „заболување на телото“, и дополнителните „лекови“ ќе ви дадат веднаш резултати и тоа позитивни!

И сега размислете, е поврзано партиски сето ова?…. или се е во кругот на истите блископријателски шеми и кругови на интереси кои добро котираат кога е на власт која и да било партија?.. а да, во меѓувреме сето тоа може да го препишуваме на оваа- онаа Власт, ама не дај Боже некогаш да покажеме дека виновникот е на оваа страна, нашата?!

Катерина Климоска

zaednicka046 3

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука