август 19, 2019

Струга, 19. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во Струга во рамки на фестивалот „ДримОн“ е програмата „Раздримување“.

Ќе трае до четврток, 22-ри август, а предвидени се книжевни промоции и изложба.

Од 19:00 часот ќе се одржи промоција на романот „Некој бил тука“ на Николина Андова Шопова, кој ја освои наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата Славко Јаневски.

Покрај тоа од 20:00 часот во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирано реобјавеното издание на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ на Славко Јаневски.

„Село зад седумте јасени’ официјално е првиот македонски роман, објавен во 1952. Од тогаш поради разни причини не е повеќе реобјавуван сѐ до појавата на ова издание. Јаневски во еден момент се откажал од авторството на романот и во 1965 го објавил романот „Стебла“ како втора верзија од „Село зад седумте јасени“, велат од Фондацијата „Славко Јаневски“.

Во ова издание се опфатени двата романи, што е  уникатна можност да се споредат и да се протолкуваат мотивите за контроверзната одлука на Јаневски. Покрај романите, ќе биде промовиран и првиот број на списанието „Архив Јаневски“, насловен „Јавач на Комета“, а промотор на списанието е Звездан Георгиевски, основач на Фондацијата Славко Јаневски.

Утревечер од 19:00 часот ќе биде промовиран и романот „Последното име на иднината“ на Живко Гроздановски. Тој е книжевен преведувач од и на италијански јазик и прозаист. Досега ги објавил збирките раскази „Отпечатоци врз коцки мраз“ (Темплум, 2009/2016) и „Приказни за тревите“ (Антолог, 2011) и романите „Куфер за тројца“ (Или-или, 2014) и „Последното име на иднината“ (Антолог, 2018). Имал неколку студиски и книжевни престои во САД, Италија и Босна и Херцеговина, и учествувал на неколку книжевни, преведувачки и филмски работилници.

В четврток, на 22-ри август, во склоп на Струшки вечери на поезијата, во 23:00 часот на плажата „Галеб“ ќе се одржи промоција на книгата „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш. Негово прво самостојно книжевно дело.

Истата вечер, во рамки на „Ноќи без интерпункција“ (24:00 – 02:00) , во фоајето на ЦК „Браќа Миладиновци“, ќе биде поставена и неговата изложба „Скицеркајки 0-5“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука