Охрид, 24. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Александар Колов објави ново видео, овој пат со мотиви од Градска плажа во Охрид, како дел од неговиот проект „Убавините на Македонија од воздух“.
– После мала пауза, продолжувам со нова епизода од овој сериал. Овој пат во Охрид, сакав да прикажам некој дел кој не е толку експониран, некако ми немаше предизвик да снимам на познати и веќе видени локации, Канео, Самоуилови, Залив на коските… Сите овие самите по себе имаат посебна убавина и воопшто не е тешко да се направи видео запис и тој да изгледа прекрасно. Овој дел иако изгледа запуштено, си има некој шарм. Целото крајбрежје кое вообичаено е видливо од кејот до Горица 1 не се гледа и е затскриено од ридот, а нискиот водостој му дава нов и поинаков изглед на крајбрежјето, вели Колов.
Александар Колов е фотограф од Охрид, или како што самиот сака да каже, хоби-фотограф, планинар, екологист и активист, преку неговите фотографии покажува дека е во вистинска хармонија со природата. Живее и работи во Скопје и има уникатни концепти на фотографии и видеа на убавините на Република Македонија. Повеќе за Колов и неговата работа ОВДЕ.
Во договор со авторот, неговите неделни дози убавина на Република Македонија ќе ги објавуваме на OhridPress.
извор: ОхридПрес фото/видео: Александар Колов