април 2, 2018

Охрид, 2. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – По повод смртта на академик Цветан Грозданов, денес во организација на општина Охрид се одржа комеморативна седница.

На комеморацијата, се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој рече дека со дожна почит се збогуваме со човек кој, својот научен опус му го посвети на  нашиот древен град и Охрид го промовираше ширум светот.

– Великите на сегашноста, длабоко се поврзани со минатото и визиите за иднината, па токму затоа заслужено влегуваат во колективната меморија за вечноста на нивните дела. Меѓу нив, недвојбено е Големиот Охриѓанец, академикот Цветан Грозданов, кој веќе не е меѓу нас, а ние со оваа комеморација, се оддолжуваме кон неговиот лик и дело и ја изразуваме нашата искрена и огромна почит кон човекот кој животот му го посвети на овој древен град и прецизно го позиционира на врвот на светските цивилизациски вредности. Во ова време на тага, кога физички академикот Грозданов не е меѓу нас, неопходно е да собереме сила и  со отворен ум и срце, да му ја оддадеме должната почит и да се поклониме пред неговото дело. Животот, творечката енергија, научниот предизвик и филигранската интуиција, ги подари на потрагата по вредностите на уметноста задскриени во црквите и манастирите и  археолошките наоѓалишта. Зад себе остави огромен опус на научни дела, беше омилен професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, прв министер за култура во независна Република Македонија, претседател на Македонската академија на науките и уметностите и признат општественик и амбасадор на македонската научна и културна мисла во светот. Неговата научно фундирана посветеност на историјата на уметноста, го вреднува меѓу највлијателните балкански византолози. Остави извонредно богат творечки опус, но остави и многу негови современици кои продолжуваат да го доодуваат патот по кој чекореше, рече градоначалникот Стојаноски.

На комеморацијата, зборуваше и археологот Паско Кузман, кој потенцира дека Цветан Грозданов зад себе остави едно време, кое ние го чуваме и ќе им го предаваме на идните поколенија.

– Цветан Грозданов замина од нашето и неговото минато, од нашата и неговата сегашност и отиде во иднината и во еден од паралелните светови на трите профили од времето. Во тој паралелен свет се живее sub specie aeternitatis (во светлините на вечноста), што значи овој наш човек отиде таму не по дефиницијата за подарена привелегија, туку со реалноста и одработена и заслужена привелегија, одразена со беспрекорна научна интерпретација за медиевалистичките културни, уметнички и духовни вредности на Охрид, Република Македонија и балканските простори, значајни не само за овие регионални пространства, туку и за европските и светските културно-историски, духовни и уметнички текови, напомена Кузман.

Академикот Цветан Грозданов е роден на 5-ти март 1936 година, а почина на 30-ти март 2018 години. Неговите посмртни останки беа погребани вчера на Градските гробишта во Охрид. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука