Скопје, 3. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за заразни болести препорача укинување на сертификатите задолжителни за влез во моловите, односно онаму каде што не е задолжително носење маски.
– Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следнитот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати, рече денеска на прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Комисијата Александар Петличковски.
Од Комисијата за заразни болести посочија и дека од денеска почнува кампања за закажување термини за сите оние кои имаат нецелосна вакцинација, односно тие што немаат примено бустер доза, а спаѓаат во ризичните групи.
– Ризични групи граѓани, односно оние кои имаат над 65 години и имаат коморбидитети или помлади од 65, а имаат повеќе коморбидитети. Ќе им стигне СМС порака која ќе ги извести дека треба во точно одреден термин да го посетат пунктот за да бидат вакцинирани, информираат од Комисијата.
Според првичните податоци од истражувањето што го спроведе Комисијата за заразни болести за колективен имунитет, анализираните 920 примероци за Скопје укажуваат на многу солиден имунитет врз основа на вакцинација.
– Над 85 посто од вакцинираните индивидуи имаат некаков имунитет кон Ковид. Не можеме да збориме за ефикасноста, но можеме да го детектираме дека постои. Од тие 920, околу 170 индивидуи беа невакцинирани и кај нив се сретнува над 70 проценти серопозитивност, односно и таму имаме солиден просек на имунитет, информира денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Овие параметри, посочи тој, ќе ги разгледуваат на следната седница на Комисијата во однос на тоа колку реално би можеле да бидат применети и искористени во насока на олабавување на рестрикциите. (Крај)
извор: Сител фото: архива