Охрид, 19. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Грин Бич Фестивал (Green Beach), најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, ја комплетираше и целосната програма за своето годинешно, осмо по ред издание кое ќе се одржи на 28-ми и 29-ти јули на Плажа Парк во Охрид.
Покрај најдобрата понуда на светски етаблирани изведувачи, фестивалот и годинава има подеднакво атрактивна листа со дел од најистакнатите домашни артисти.
Со двете икони на светската електронска сцена кои годинава ги предводат фестивалските ноќи, Ричи Хотин на 28-ми јули и техно великанот Свен Ват на 29-ти јули, повеќе од сигурно е дека ова е најмоќното издание на фестивалот досега, најавуваат организаторите.
Веќе се потврдени и артистите кои со своите настапи ќе го надополнат највозбудливото техно доживување овој јули. На претходно најавените Мауруцио Шмит и Васо б2б Гораг Кан кои ќе настапат за затворањето на фестивалот на 29-ти јули, им се приклучува уште еден бран изведувачи.
На листата изведувачи се додаваат: PASS-N-G-R (Песинџер), Самоил Радински и Flooder.
Овие артисти со своите докажани сетови ќе настапат на 28-ми јули, како поддршка на легендарниот Ричи Хотин.
PASS-N-G-R е уметничкото име на Жани Митревски од Скопје, еден од пионерите на македонската техно сцена чија активна работа на сцената датира уште од 1992 година, кога тој е одговорен за првите техно журки и радио шоуа во Македонија. Тој е воедно основач и сопственик на музичката продавница Massiva која во Скопје ја отвори во 1995 година. Неговиот техно звук тој го презентира во различни форми и стилови, а тоа резултира и со неговото огромно искуство со различни продуценти, етикети, диџеи. Својата музика тој ја нарекува „driving techno“. Листата на дестинации на кои настапувал е огромна и се протега низ целиот регион и Европа, а артистите со кои настапувал се значајни имиња како John Acquaviva, Oliver Ho, Gaetano Parisio, Umek, Valentino Kanzyani, Robert De La Gauthier, Access 58, DJ Misjah, Марко Настиќ, Eric Fisher, Evil Eddie Richards, Ade Fenton, CJ Bolland, Dave Clarke, Mark Broom, Terry Mitchell, Mark Williams, Staffan Ehrlin, Elton D, Paul Mac и многу други.
Самоил Радински е диџеј и продуцент кој активно ја промовира електронската музика уште од самите почетоци на ова движење во Македонија и е добро познат по својот префинет вкус. Настапува како диџеј низ целата земја и во странство на најпрестижните фестивали како Кримфилдс, Егзит, Фонетика и т.н. Основач е на промотерската организација Баланс преку која ги промовира и настапува со врвните светски имиња: Derrick May, Kevin Saunderson, Carl Craig, Kenny Larkin, Gene Farris, Fabrice Lig, Funk D’ Void, Mr C, Octave One, Christian Smith, Vince Watson, Dj Bone и многу други. Радински воедно ја отвора и дискографската куќа Логос Рекордингс која во своето работење од 9 години успеа да достигне врвни резултати во светски рамки. Тој создава и своја продукција, а неговата музика е вртена од врвни диџеи како: Laurent Garnier, Vince Watson, Fabrice Lig, Paul Mac, Claude Young, Underground Resistance и други.
Името на Flooder е доволно присутно на локалната сцена за да ве асоцира на неговиот посебен стил на презентирање на музика. Ни неговиот стил ниту пак неговата музика имаат тендеција да се повторуваат, следствено на ова Флудер секогаш е во потрага по нешто ново и возбудливо кое е наменето за доброто расположение на публиката.
Во тек е продажната акција на билетите со промотивна цена од 650 денари за еднодневните и 1200 денари за дводневните (фестивалски) влезници. Билетите се продаваат во ограничен број преку продажната мрежа на МКтикетс. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива