Скопје, 12. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука распишува Конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во странство за академската 2017/2018 година.
Ќе се доделат стипендии за студенти примени на академски студии од втор циклус, на еден од првите сто рангирани универзитети на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финасиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката.
Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува условите: да има завршено академски студии од прв циклус во траење од три, односно четири години и постигнат просечен успех од најмалку 8,50; да е примен на академски студии од втор циклус, прв пат во прва година во академската 2017/2018 година на еден од првите сто рангирани универзитети, според последната објавена ранг-листа на глобални универзитети од Институтот за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг Универзитет, од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финасиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката; да има доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата; да не е корисник на стипендија од други даватели и да е државјанин на Република Македонија.
Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од втор циклус во странство е најдоцна до 1-ви септември оваа година. Документите се доставуваат на адреса на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во странство). (Крај)
извор: Министерство образование фото: архива