ноември 1, 2017

Охрид, 1. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со врачување на уверенијата и давање свечена изјава денеска беше конституиран новиот состав на Советот на Општина Охрид.

На седницата беше избрана и Комисијата за верификација, избори и именувања, во состав Марија Попоска, Илија Арнаудовски, Мишел Силјаноски, Снежана Стефановска и Нефи Усеини, која ги потврди мандатите на новите 23 советници.

Градоначалникот Јован Стојаноски посакувајќи им успешна работа, ги потсети дека како советници избрани од народот, во наредните четири години треба да ги застапуваат токму интересите на народот.

jovanstojanoski2

– Ви посакувам во наредните четири години да имате плодна работа, да го советувате градоначалникот за се што мислите дека погрешил и за се она што мислите дека е во интерес на народот и секогаш да ги застапувате интересите на народот, а не своите и интересите на локалната самоурава и на градоначалникот. Секогаш треба да делувате, да бидете коректив на работата на градоначалникот и на целата општинска администрација. Јас се надевам дека ќе бидете поуспешни од минатиот совет и ќе бидете пример за следните советници кои ќе дојдат после вас да бидат уште поплодотворни, поефикасни, за секогаш да имаме напредок во оваа наша средина. Моја должност е да ги слушам и примам вашите совети без разлика од која партија се дадени и од кого доаѓаат и да ги применувам согласно законот во програмите за работа на општинската администрација.
Ви посакувам да бидете сложни и сплотени и секогаш да работите во интересите на нашиот град и граѓаните. Критиката води секогаш напред и само така можеме да го развиваме овој град по оние патеки по којшто е тргнат од памтивек, истакна Стојаноски.

На конститутивната седница не беше избран новиот претседател на градскиот совет, а градоначалникот Стојаноски најави дека тоа ќе се случи во текот на наредната недела. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука