Охрид, 10. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Загрепскиот пијано квинтет синоќа за публиката на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ приреди концерт за паметење.
Уметниците од овој состав кои се виртуози на своите инструменти, со своето речиси двочасовно музицирање пренесоа позитивна енергија кај присутните кои пак, со бурни ракоплескања и два „биса“ потврдија дека ужуваат во програмата на чиј репертоар беа дела од Јозеф Лабор и Херман Гец.
Македонскиот контабасистот Илин Диме – Димовски кој е дел од Загрепската филхармонија смета дека желба на секој уметник е да настапи на фестивалот „Охридско лето“ и во црквата „Света Софија“ во која, како што појасни, израснал свирејќи.
– Во овој состав се свири квинтетот „Пастрмка“ на Шуберт“, но мислевме дека тоа е премногу отсвирено. Овие два композитори се релативно непознати, а постромантични. Тие пишувале убава музика но едноставно се изгубила нивната популарност со текот на времето. Инаку се работи за доста квалитетна музика. Има романтични делови, делови на соло, делови на заедничко свирење, вели Димоски.
Концерт-мајстор на квинтетот е Молдавката Алина Губајдулина која веќе 19 години живее во Хрватска и е едел од Загрепската филхармонија. Уметникот Хрвоје Филипс е водач на виола-секцијата во Симфонискиот оркестар во Загреб а Федерико Ловато е познат италијански пијанист.
Како и на претходниот концерт завчера на кој настапи Машкиот манастирски хор „Оптима Пустина“ од Русија, така и синоќа, на концертот на Загрепскиот пијано квинтет, во црквата „Света Софија“ беше исполнето и последното место за публиката, а голем дел од присутните беа странци. (Крај)
извор: Охридско лето фото: Охридско лето