Охрид, 18. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Концерт и претстава вечерва на репертоарот на „Охридско лето“.
Љубителите на класичната музика ќе може да уживаат во настапот на виолинистот Франческо Дорацио од Италија. Тој ќе изведе одбрани соло партитури на Бах, Берио, Изаи, Чеса, Дал Онгаро.
Дорацио свири на виолина „Гварнери“ со име „Грофот од Кабриак“ изработена во 1811 година во Кремона, како и на вреден инструмент изработен од францускиот мајстор Жан Баптист Вијом во 1863 година. Концертот ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ со почеток во 20:30 часот.
Вљубениците во театарот, пак ќе може да ја погледнат претставата Име во изведба на Театар Комедија од Скопје. Претставата е работена по текст на Александар де ла Пателие и Метју Делапорт, во режија на Нени Делместре.
„Име“ е трилер-комедија која вози од сцена во сцена, комедија во која петмина актери се постојано на сцена, во еден живот во реално време. Претставата се случува на вечера меѓу пет другари од детството и таа една пријатна вечера со кинеска храна се претвора во хаос.
Претставата требаше да се одигра во предворјето на црквата „Св.Софија“, но поради временските неприлики невообичаени за овој периот од годината, ниските температури и ветерот, од фестивалот одлучија да ја префрлат во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охридско лето/архива