Охрид, 21. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со изложбата на слики од охриѓанката Наташа Попоска – Карче и концертот на познатиот саксофонист, Горан Папаз, синоќа во Трпејца започна шестото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Според програмата, вечерва од 20:00 часот концерт под ведро небо, наловен „Со кајче по езерото“, ќе одржат ученици од ОМУ „Методи Патче“.
Младите виртуози ќе свират во кајчињата осветлени од факели и фенери, а од брегот на езерото и од кафеаните гостите ќе уживаат во неповторливата глетка и изведба. Освен тоа, претставник на НП „Галичица“ од Охрид ќе одржи презентација со наслов „Галичица на дофат“ преку која ќе биде доближано севкупното богатство на Националниот парк. Почетокот е во 21:00 часот.
Во рамки на забавниот дел од манифестацијата, од денес започнува и стандардната содржина „Учиме англиски“, која ќе ја води м-р Габриела Неделкоска.
Организаторот здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ најави дека до 28-ми јули, во рамки на шестото издание на манифестацијата, ќе понудат богата програма со која ќе го привлечат вниманието на туристите и мештаните. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива