март 15, 2018

Охрид, 15. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Концесиите за плажите да се издаваат за период подолг од пет години, старите концесионери да имаат предност при конкурирање за истите или пак плажите да се издаваат со непосредна спогодба беа посочени како главни барања од страна на концесионерите на плажите долж охридското крајбрежје на дебатата со градоначалникот и службите од секторот за урбанизам.

Наидовме на разбирање, но не сме задоволни од досегашната соработка со сите туристички асоцијации како во градот така и во државата. Изложени сме на постојано малтретирање околу чести концесии, вели Љупчо Нечкоски, концесинер на плажа во Охрид.

–  Ова ќе биде петти пат за последните десет години како излегуваме на концесии, што со државата, што со градот. Нашето главно барање е продолжување на концесиите на подолг период. Да се имаат во предвид сите досегашни инвестиции на просторот на плажите што се направени, па луѓето да имаат соодветна предност при конкурирање за тие плажи, дециден е Нечкоски.

ljupconeckoskiТие излегоа и со барање концесијата да се продолжува по пат на непосредна спогодба, одредба што важи за плажите што се пред туристичките објекти, односно хотелите.

– Пред хотел никој не може да конкурира за плажа, без разлика колкава цена ќе се постигне, ја добива хотелот со непосредна спогодба со локалната, децидни се закупците на охридските плажи.

Со секој нов повик за доделување концесија тие стравуваат дали ќе бидат најповолни понудувачи и ќе си ја задржат плажата во која инвестирале огромни финансиски средства низ годините. Проблем со учество на други конкуренти за плажите досега немале, што не значи дека не може да се случи.

Досегашните концесионери на плажи во Охрид прашаа дали и кога ќе им бидат вратени инвестициските средства вложени за вода и струја на плажите, како и парите дадени како банкарска гаранција при добивање на концесијата, а се интересираа и дали ќе бидат обештетени од поплавите кои го зафатија Охрид во 2010 година, кога претрпеа големи материјални штети.

Тие излегоа и со барања во поглед на условите за издавање плажа во центарот и на периферијата.

– Да има ист третман за плажите, како за оние во централното градско подрачје така и оние долж крајбрежјето. На другите е дозволено да има кафулиња и ресторани, а плажите Корали Лагадин 10, 12 и 13 исклучиво се отворени плажи, па ние сме во една нелојална ситуација да плаќаме закуп за цела година, а ги работиме два месеци во сезоната, рече Илија Џепароски, концесионер на плажа.

IlijaDzeparКонцесионерите се пожалија дека дополнителна главоболка им е нелојалната конкуренција. Велат кога ќе почне шпицот на сезоната импровизирани шанкови и тезги се поставуваат по плажите и не се води никаква конрола. Тоа е на штета колку на нас, легалните концесионери, толку и на локалната самоуправа, децидни се тие.

На оваа прва од најавените неколку во пресрет на летната сезона, градоначалникот Јован Стојаноски ги информира закупците на плажите, дека ќе се спроведе нова процедура околу идните услови за работа. Во таа смисла, беа посочени два услови кои ќе треба да бидат задоволени за успешно завршување на целата процедура: ново урбанистичко планирање и решавање на новите ситуации со имотно правните односи, произлезени од процесот на денационализација на одредени катастарски парцели.

jovanstojanoskiСтојаноски ги информира присутните дека за плажите од централното градско јадро, Потпеш, Канео и плажата во Воска, нема никакви формално правни пречки и тие можат веднаш да бидат дадени на јавно наддавање.

Што се однесува до одредени законски измени во оваа област, градоначалникот предложи, а концесионерите прифатија формирање на Асоцијација на концесионери, како начин за организирано делување пред локалната и централната власт.

За две недели закажана е нова средба на градоначалникот и концесионерите во насока на решавање на отворените прашања и подготовка за успешна туристичка сезона. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука