Охрид, 31. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Сеизмолошката опсерваторија на ПМФ изработи 3D модел на планината Галичица, при што е откриено дека „коренот“ на оваа убавица е дури 9.000 метри под земјата.
Видеото е изработено од страна на порталот vidivaka. Се потенцира дека највисокиот врв на Галичица е Магаро со 2.254 метри, но дека „коренот“ е далеку поголем и изнесува неверојатни 9.000 метри.
Заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет на шумите и шумските предели на планината Галичица, еден поголем дел од неа, на површина од 22.750 хектари, во 1958 година е прогласен за национален парк. Тој се наоѓа во крајниот југозападен дел од Република Македонија, се карактеристика по положбата што ја зазема меѓу двете езера – Охридското и Преспанското, потоа, по разгранетата орографија и интересните геоморфолошки облици (длабоки долови, разни видови на карстни форми и леднички релјефни форми).
Најниска точка е нивото на Охридското Езеро 695 м.н.в. и нивото на Преспанското Езеро 850 м.н.в., а највисока врвот Магаро 2.254 м.н.в. Планината Галичица има развиен релјеф со длабоки долови и стрмни падини кон двете езера. Поради релјефните карактеристики, единствениот масив на Галичица поделен е на четири засебни делови. (Крај)
извор: vidivaka фото: vidivaka