Скопје/Охрид, 14. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Најголем хендикеп беше Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследсво од особен значење кој беше донесен во 2010 година. Комисијата која произлегува од тој закон прв пат профункционира во 2018 година.
– Имаме осум години од носење на закони кои воопшто не се хармонизирани, истакна синоќа министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска во емисијата „Топ Тема“ на Тв Телма.
Таа истакна дека според неа, ниту охридскиот, ниту струшкиот градоначалник не ја сфаќаат важноста и што значи всушност УНЕСКО за нивниот регион.
– Затоа и јас во месец март на прес конференција апелирав градоначалникот да ја повлече таа одлука каде што вели дека градба од национален интерес е катна гаража. Апелиравме и за монтажна-демонтажна опрема. Одиме преку судски органи затоа што уништувањето на Охрид, ако градоначалниците сметаат дека тоа им смета за развој на туризмот, тоа значи дека немаат правилна туристичка стратегија, рече Костадиновска- Стојчевска.
Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, во ноември минатата година откри дека катната гаража треба да се изгради на површина од 1.215 m2 со расположлив капацитет за гаражирање за повеќе од 150 возила во близина на Градскиот пазар. Тогаш тој најави дека за годинава се очекува одбрение за градба. За оваа катна гаража е изработена документација за градба и физибилити студија, извршена е експропријација на земјиштето и има одлука за трајно користење на земјиштето. (Крај)
извор: Тв Телма/ОхридПрес фото: Тв Телма