Охрид, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Нема никаква измена на цената за престој во градинката, вели Розе Костеска, директорка на Детската градинка „Јасна Ристеска“ реагирајќи на денешната прес-конференција во СДСМ Охрид на која таа беше обвинета дека самоволно ги зголемува цените за престој на децата.
– Станува збор за усогласување на цените за престој на децата во градинката согласно Законот за заштита на децата и подзаконските акти кои произлегуваат од него, а кои како установи треба да ги почитуваме.Со Правилник за измена и дополнување на правилникот за утврдување на цените на услугите што ги дава јавната установа за деца – детска градинка и износот на надоместокот на трошоците за престој во установа за деца што паѓа на товар на родителите е утврдена висина на цената за целодневен престој од 1.490 денари, додека за полудневен престој се плаќа: за престој само со ужина – 599 денари, за престој со комбиниран оброк 806 денари (појадок и ужина) и за престој без ужина 298 денари, вели Костеска.
Како што додава таа, согласно со Законот за заштита на децата, советот на основачот, на предлог на Управниот одбор на ЈОУДГ за деца ги утврдува цените согласно наведениот правилник.
– Полудневен престој е во траење од 4-6 часа дневно. Ние како градинка сме должни да ги усогласиме цените за престој што паѓаат на товар на родителите согласно прописите – и тоа го правиме. Управниот одбор донесе одлука и за одлуката е информиран и оснoвачот, вели Костеска.
На реакциите од СДСМ дека имињата на родителите кои должат јавно може да ги прочита секој на влезот од градинката, директорката појаснува дека такви списоци воопшто нема и оти се води сметка за дискрецијата на родителите и децата.
– Што се однесува до начинот на плаќање на обврските, родителите потпишуваат Договор со градинката при аплицирањето, со кое се обврзуваат да го почитуваат истиот. Фактура се доставува на почетокот на месецот со обврска за плаќање во рок од 15 дена по приемот, за што треба да се достави доказ за платена услуга кај воспитно згрижувачкиот тим заради евиденција. По овој рок се пресметува камата согласно прописите. Во врска со тврдењето дека списоци се објавувале на влезните врати , не е точно дека списоци се објавени на влезот во градинката, туку индивидуално се потсетува секој родител поединчено, водејќи сметка за дискрецијата, додава директорката на охридската градинка Розе Костеска.
Во однос на користењето литература за потребите на воспитно-образовниот процес во охридската детска градинка, Костеска појаснува дека во интерес на децата, сите директори се вклучени во која било издавачка куќа, со цел да придонесат со своето знаење и искуство за збогатување на фондот и квалитетот на литературата за деца од предучилишна возраст според Програмата за рано учење и развој.
извор:ОхридПрес фото:архива